Екрем Имамоглу, градоначалникот на Истанбул и најголемиот ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој утрово беше уапсен со уште стотина други политичари, новинари и бизнисмени, е осомничен по повеќе основи, меѓу кои и предводење криминална организација, помагање на терористи, примање мито и местење тендери.
Ројтерс објави дека со ова апсење ескалирала политичката пресметка која би можела да ја обликува иднината на Турција.
Републиканската народна партија (CHP), главната опозициска партија во Турција, која во неделата требала да го номинира Имамоглу за свој претседателски кандидат, го нарече апсењето „обид за државен удар против идниот претседател“.
„Ќе продолжам да се борам“, порача Имамоглу во видеопораката на социјалната мрежа „Х“ непосредно пред апсењето.
Millet iradesine darbe vuruluyor. pic.twitter.com/waXHu23ZVN
— Ekrem İmamoğlu (@ekrem_imamoglu) March 19, 2025
Тој исто така рече и дека пред неговата куќа имало „стотици полицајци“.


Британската агенција потсети дека Имамоглу во текот на целата своја политичка кариера имал правни проблеми.
Имено тој во 2022 година бил осуден на две и пол години затвор за навреда на функционери кои ги поништија изборите во Истанбул во 2019 година на кои тој победи, за потоа на повтореното гласање да биде потврден како градоначалник на најголемиот турски град.

Затворската казна ја поништил Апелациониот суд.
Имамоглу исто така бил под истрага за наводите дека подоцна местел тендери како прв човек на Истанбул.
Неговите поддржувачи рекоа дека сите овие обвинувања се политички мотивирани и дека тоа се само обиди на Ердоган да го отстрани од политичката сцена, што Партијата на правдата и развојот (AKP) на Ердоган упорно ги негира.
Ројтерс пренесе дека последните обвинувања се најсериозни досега.
Обвинителството во Истанбул соопшти дека Имамоглу, заедно со повеќе од 100 други лица, е осомничен за вмешаност во корупција преку градски тендери.

Второто обвинение вели дека градоначалникот и уште шестмина осомничени ја помагале забранетата Курдистанска работничка партија (PKK), која Турција и нејзините западни сојузници ја сметаат за терористичка организација.
Апсењето се случи еден ден откако Универзитетот во Истанбул вчера објави дека ја поништува дипломата доделена на Имамоглу поради нерегуларности, нанесувајќи ѝ удар на опозицијата која планирала да го номинира за кандидат на претстојните претседателски избори во Турција.
Според турскиот закон, кандидатот за претседател мора да има универзитетска диплома.
Си-ен-ен извести дека следните претседателски избори во Турција се закажани за 2028 година, но дека постои голема можност за предвремено гласање.

Имамоглу порача дека одлуката на универзитетот е незаконска и надвор од надлежноста на таа институција и најави дека ќе се бори против одлуката преку легални средства.
„Одлуката на Управниот одбор на Универзитетот во Истанбул е НЕЗАКОНСКА. Се ближат деновите кога оние кои ја донесоа оваа одлука ќе одговараат пред историјата и лицето на правдата“, рече Имамоглу еден ден пред неговото апсење.
„Corriere della Sera“ пренесе дека турските медиуми пишуваат дека политичкиот хаос околу одземањето на дипломата на Имамоглу настанал кога истрагата открила дека Имамоглу првпат дипломирал на Американскиот универзитет Гирне на Северен Кипар, територија што не е меѓународно призната, што му овозможило да се запише на студии на Универзитетот во Истанбул во 1990 година.
Ројтерс наведе дека политичкиот подем на Имамоглу наликува на развојот на кариерата на Ердоган, бидејќи и двајцата беа на чело на Истанбул и се соочија со судски процеси.

Инаку Имамоглу е роден во 1971 година во црноморската провинција Трабзон.
Откако се стекнал со диплома за бизнис администрација, го преземал семејниот бизнис.
Тој се приклучил на партијата CHP во 2008 година, а дојде на чело на истанбулската општина Бејликдузу во 2014 година.
Во 2019 година тој го зададе најголемиот удар на партијата на Ердоган (AKP), која две децении владеела со Истанбул, и стана градоначалник, а минатата година обезбеди реизбор на таа функција.