Филаделфија Севентисиксерс имаше амбициозен план за оваа сезона, план во кој целта беше да се нападне врвот на Истокот, но и титулата во НБА лигата.
Меѓутоа наместо високи цели и амбиции, екипата е далеку под нивото, едноставно се распаѓа и потврда за тоа е учинокот од само 23 победи на 68 натпревари што е доволно само за 12. место во источната конференција.
„76-ките“ веќе некое време играат без центарот Ембид кој поради повреди ќе биде во „аут“ до крајот на сезоната, листа на која сега ќе биде и втората ѕвезда, Пол Џорџ. Џорџ поради проблеми со коленото и препоните ќе биде недостапен најмалку шест седмици и ако не се случи некое чудо Филаделфија да дојде до плејофот, оваа кампања за него е готова.
Тој пристигна во оваа средина како големо засилување и требаше заедно со Ембид и Макси да му донесе големи резултати на клубот.
Меѓутоа Џорџ се соочи со доста проблеми, не можеше да го даде максимумот и во просек реализираше по 16,2 поени, 5,3 скока и 4,3 асистенции на 41 натпревар.