Поранешниот инженер на НАСА и популарен Јутјубер Марк Рубер објави видео кое на јасен и едноставен начин го демонстрира клучниот проблем со системот за автономно возење на "Tesla", кој се потпира исклучиво на камери.
За разлика од конкурентите кои користат "LIDAR" и радарски сензори за откривање на објекти, "Tesla" целосно ги отфрли овие технологии, потпирајќи се само на визуелни податоци добиени од камери. Илон Маск претходно го нарече "LIDAR" „проклето глупав, скап и непотребен“.
Сепак, во својот експеримент, Рубер покажа колку е ризичен овој пристап. Тестовите открија дека автопилотот на "Tesla" не успева да препознае препреки во услови на густа магла, силен дожд или оптички илузии – како што е ѕид нацртан да личи како продолжение на патот.
Експериментот што ги открива опасните недостатоци
Во еден од тестовите, Рубер постави кукла од дете на патот и ја спореди реакцијата на "Tesla" со онаа на "Lexus SUV", опремен со "LIDAR" сензори на компанијата "Luminar".
• "Tesla" ја регистрираше куклата во софтверот, но автоматското сопирање не реагираше на време, па Рубер удри во куклата.
• Кога сцената беше покриена со вештачка магла, "Tesla" не успеа да ја детектира препреката навреме. Истото се случи и при симулиран силен дожд.
• Најмногу внимание привлече тестот со нацртаниот ѕид – "Tesla" без двоумење удри во него, додека "Lexus"-от со "LIDAR" сензори ја препозна измамата и безбедно запре.
„Првпат во историјата можам со сигурност да кажам дека оптичкиот систем со камери на "Tesla" би поминал низ лажен ѕид без да ја допре дури ни сопирачката“, изјави тој.
"Tesla" планира "Full Self-Driving" систем
Ова видео е објавено во критичен момент, бидејќи "Tesla" планира да лансира „ненадгледувана“ верзија на "Full Self-Driving" (FSD) системот подоцна оваа година.
Критичарите предупредуваат дека ова може да создаде лажно чувство на безбедност кај возачите, додека Маск истовремено најави и роботакси услуга базирана на истиот софтвер.
Безбедносни загрижености
Американските регулатори веќе ги поврзаа "Tesla"-автоматизираните системи со десетици смртни случаи и стотици повреди, а тестот на Рубер дополнително потврдува дека моменталниот хардвер на "Tesla" не е подготвен за целосно автономно возење.
Останува прашањето – дали "Tesla" ќе го ревидира својот пристап и ќе се врати на користење "LIDAR" и радари, или ќе продолжи со ризичната стратегија на потпирање само на визуелна перцепција.