Гренланд не е на продажба: Победникот на изборите на островот испрати јасна порака до Трамп

Точка

17/03/2025

19:37

1.179

Големина на фонт

а а а

Јенс-Фредерик Нилсен изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп може да се откаже од плановите да го направи островот дел од САД.

Победникот на изборите што се одржаа пред неколку дена на Гренланд, лидерот на Демократската партија, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека за автономија и слобода никогаш не може да се преговара.

На митингот одржан во присуство на неговите приврзаници пред американскиот конзулат во главниот град Нук, тој изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се откаже од плановите островот да го направи дел од САД, пренесува порталот ДР.

Митингот се одржа еден ден откако истакнати политичари во Гренланд објавија заедничка изјава во која изјавите на Трамп ги нарекоа неприфатливи, нагласувајќи дека е важно сите да се согласат околу ова, без разлика на партиската припадност.

„Важно е ние како општество да бидеме обединети и тоа го гледаме сега“, изјави Нилсен на митингот.

Демократската партија освои 29,9 отсто од гласовите на изборите во вторникот. Партијата, која се залага за постепена независност од Данска, повеќе од тројно го зголеми бројот на пратенички места на 10 од вкупно 31, и најави дека започнува преговори за формирање коалиција.

Нејзиниот лидер ги разби плановите на Трамп за островот, велејќи дека тој не е на продажба, ниту неговите жители.

„И тогаш може да мисли што сака за мене“, изјави Нилсен и додаде дека тоа не е само негова позиција, туку и на целото општество.

Трамп ја повтори својата желба да има контрола над Гренланд за време на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот во Белата куќа.

Руте одговори велејќи дека нема да го вовлече НАТО во дискусијата за тоа дали Гренланд ќе прифати или одбие да се приклучи на САД.

Неговата изјава наиде на критики од данските политичари, како и од самиот Нилсен.

„Руте можеше да каже дека зборувањето за тоа е несоодветно и дека меѓународното право и прописите мора да се почитуваат“, посочи тој.