Гарантирам брза истрага, ќе се утврдат причините и одговорноста за пожарот увидот е во тек, се сослушуваат повеќе лица

Точка

16/03/2025

12:21

396

Големина на фонт

а а а

Државниот обвинител Љупчо Коцевски не можеше да потврди дали се точни информациите дека во моментот на пожарот во објектот имало од 1.500 до 1.700 лица.

На семејствата на загинатите во пожарот им изразувам најдлабоко сочувство. Можам да им гарантирам дека Обвинителството ќе спроведе брза истрага, ќе ангажираме вештаци од сите области, така што ќе ги видиме и причините и одговорноста, рече државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој е во Кочани, каде ноќеска во пожар во дискотека загинаа над 50 лица, а 118 се повредени.

– Се преземааат сите истражни дејствија, допрва ќе се утврдуваат причините – рече Коцевски.


На новинарско прашање дека министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски рече дека пожарот настанал од протехнички средства, Коцевски рече дека првичните сознанија се такви, но во овој момент не може ништо повеќе да каже затоа што се врши увидот на лице место. Во моментот сè уште се издаваат наредби и за прибирање на докази и за вештачења, додаде тој.

Коцевски не кажа ниту според кој член од Кривичниот законик ќе ги гонат лицата кои се на разговор. На предметот работат 5 јавни обвинители, но ЈО ќе се вклучи со целиот капацитет.

Државниот обвинител не можеше да потврди дали се точни информациите дека во моментот на пожарот во објектот имало од 1.500 до 1.700 лица.

– Првични сознанија ќе имаме штом ќе заврши увидот, ќе се соберат доказите и ќе се сослушаат лицата. Увидот нема рок и ќе трае сè додека биде завршен – рече Коцевски.

Тој додаде дека во моментот повеќе лица се поканети на разговор и се сослушуваат. Преземени се мерки да не избегаат.

Коцевски рече и дека не ја знае бројка на приведени, затоа што и во моментов се приведуваат лица на сослушување.