Премиери и претседатели изразуваат сочувство за трагедијата во Кочани

Точка

16/03/2025

12:18

775

Големина на фонт

а а а

Официјалниот биланс од синоќешниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, досега е 51 загинат, 152 хоспитализирани, а од нив во критична состојба се 18 лица

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, албанскиот претседател Бајрам Бегај, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се само дел од политичките личности кои изразија сочувство до семејствата на загинатите и до македонскиот народ по синоќешната трагедија во Кочани.

„Трагична вест за смртоносен пожар во Кочани. Мое сочувство до фамилиите и блиските на жртвите, до претседателката Гордана Сиљановска Давкова и до македонскиот народ. Им посакувам брзо закрепнување на повредените. Украина жали заедно со македонските пријатели на овој тажен ден“, напиша Зеленски на платформата X.


Претседателот Бегај изрази сочувство до семејствата на загинатите и македонскиот народ.

„Моето искрено и длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски и до сите граѓани во нашата соседна пријателска земја. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се упатени кон повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се зголемува“, објави Бегај на платформата X.

И премиерот Еди Рама објави на X.


„Со длабока тага упатувам сочувство до браќата и сестрите од Северна Македонија за големата трагедија во Кочани. Немам зборови и се молам за оздравување на повредените и за семејствата на жртвите да најдат сила да ја издржат нивната незамислива загуба. Исто така, во име на Албанија и албанскиот народ изразувам сочувство до премиерот Мицкоски и властите на нашата соседна земја, изразувајќи ја нашата подготвеност да обезбедиме каква било помош што ќе биде потребна“, напиша Рама.

Сочувство изрази и премиерот на Косово, Албин Курти.

„Со длабока тага дознав за катастрофалната загуба на 51 живот во Кочани, Северна Македонија, како последица на трагичeн пожар во ноќен клуб. Изразувам длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, како и до лидерите и владата на Република Северна Македонија и на целата земја во ова време на тага. На повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување“, напиша Курти на платофрмата X.


Официјалниот биланс од синоќешниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, досега е 51 загинат, 152 хоспитализирани, а од нив во критична состојба се 18 лица.