Оваа држава одлучи да премине на биткоин: Еве каква е ситуацијата четири години подоцна

Точка

14/03/2025

10:00

1.254

Големина на фонт

а а а

Во 2021 година, Ел Салвадор го воведе биткоинот како законско средство за плаќање. Каква е состојбата денес?

Кога средноамериканската држава Ел Салвадор одлучи да премине на биткоин, реакциите беа очекувани. Дел од јавноста со скепса гледаше на оваа одлука како на голем експеримент, додека други со воодушевување ја прифатија криптовалутата, нарекувајќи го претседателот визионер.

Но, четири години подоцна, ситуацијата не изгледа најдобро. Да потсетиме, Конгресот на Ел Салвадор во јуни 2021 година го призна биткоинот како законско средство за плаќање. Идејата беше дека користењето на криптовалутата, која тогаш бележеше забрзан раст, ќе го поттикне заостанатото национално стопанство.


Примената требаше да започне во септември 2021 година, по завршувањето на подготовките. Владата одвои околу 200 милиони долари за купување „државни“ биткоини и вети дека секој граѓанин ќе добие биткоини во вредност од 30 американски долари.

Сепак, уште првиот ден стана јасно дека работите нема да одат според планот. Цената на биткоинот, речиси преку ноќ, падна за околу 20%, а серверите на американскиот крипто-фонд "BitGo", кој требаше да управува со централниот крипто-паричник на Ел Салвадор, едвај издржаа од напливот на нови корисници. Услугата беше отежната, а во одредени моменти целосно недостапна, што доведе до протести на улиците.


Четири години подоцна, ситуацијата е уште полоша. Ел Салвадор се соочува со висока инфлација, голем државен долг и нагло зголемување на сиромаштијата, а толку најавуваната крипто-технологија ја користат помалку од два проценти од граѓаните.

И покрај сè, претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, не се откажува од својот „крипто-сон“. Тој ги забрза плановите за изградба на „Bitcoin City“, кој требаше да стане глобален центар за крипто-индустријата. Идејата во основа не беше лоша, но „Bitcoin City“ треба да биде изграден на врвот на стара мангрова шума, а досегашните градежни активности уништија три квадратни километри дивина и раселија бројни домородци.


Букеле, исто така, се откажа од заемот од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој можеше барем делумно да ја ублажи инфлацијата и да го забави растот на сиромаштијата. ММФ, во замена за кредит од 3,5 милијарди долари, бараше ограничување на владините биткоин-трансакции и забрана за натамошно акумулирање на оваа криптовалута.

Но, Ел Салвадор и понатаму акумулира биткоини во државните резерви и бара од компаниите да ги прифаќаат и користат. Со оглед на тоа како досега функционираше овој „експеримент“, пред Ел Салвадор стојат уште многу тешки месеци.