Мажјаците на синиот пругаст октопод за време на парењето ја парализираат женката со отров за да избегнат да бидат изедени, покажало ново истражување, а пренесува „Гардијан“.
Пругастите октоподи се ситни, но исклучително опасни главоноги што можат да се најдат во плитките води кај поголемите гребени.
Една од четирите видови пругасти октоподи користи тетродотоксин, многу силен невротоксин кој се наоѓа и кај рибите фугу, за да го имобилизира пленот.
Сепак, новата студија покажува дека тие го користат овој отров и за време на парењето. Со прецизен залак, мажјакот вбризгува отров во аортата на женката на почетокот на односот.
„Возрасните женки обично се со големина на топче за голф – два до пет пати поголеми од мажјаците“, вели водачот на студијата, д-р Вен-Сунг Чунг од Универзитетот во Квинсленд.
Женките октоподи често ги јадат мажјаците.
„Сексуалниот канибализам е многу чест кај главоногите. Кога женките ќе снесат јајца, поминуваат околу шест недели без хранење, посветени исклучиво на грижата за јајцата. Им треба многу енергија за да го издржат целиот тој процес“, истакнува Чунг.
Мажјаците имаат и посебен пипак за парење, со кој ја пренесуваат спермата во јајцеводот на женката.
Поради опасноста, мажјаците развиле стратегии за да избегнат да станат плен за време на парењето. Кај повеќето видови пругасти октоподи, мажјаците го жртвуваат својот специјален пипак, кој се одвојува од нивното тело по завршувањето на парењето.
„Кај синиот пругаст октопод, тој пипак е многу пократок. Бидејќи не можат да се парат од далечина, мора да ѝ се доближат на женката“, вели Чунг.
Истражувачите забележале дека мажјаците ги имобилизираат женките за време на парењето, кое трае меѓу 40 и 75 минути. Кога тетродотоксинот почнува да дејствува, женките престануваат да дишат околу осум минути, побелуваат и нивните зеници не реагираат на светлина.
„Парењето завршуваше кога женките повторно добиваа контрола врз своите пипци и ги одгурнуваа мажјаците“, се наведува во студијата, додавајќи дека ниту една женка не угинала за време на парењето.
Отровот на синиот пругаст октопод е исклучително опасен и, како и кај рибата фугу, може да биде смртоносен за луѓето.