Луис Енрике еуфоричен откако испадна дека е во право: Ова е само почеток!

Дерби

12/03/2025

11:07

613

Големина на фонт

а а а

Луис Енрике беше најголем оптимист за пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите и тоа го апострофираше веднаш по несреќниот пораз од Ливерпул на „Паркот на принцовите“, а осум дена подоцна, испадна дека Шпанецот не продавал залудна илузија за навивачите на својот клуб.

ПСЖ го покори „Енфилд Роуд“ и преку пенал рулетот обезбеди четвртфинален билет во најелитното натпреварување, и тоа во натпревар во кој Донарума и Алисон си ги заменија улогите.

Бразилецот беше убедливо најдобар поединец во Париз кога бранеше неверојатно, но синоќа во фокусот се најде Донарума кој прерасна во херој со две одбрани во пенал рулетот.

Во тим без големи ѕвезди, ПСЖ можеби го игра и најдобриот фудбал во последните неколку години, а еуфоричниот Луис Енрике најавува дека ова е само почетокот на една победничка ера.

– Многу сум среќен и задоволен, покажавме дека сме вистински тим. Бевме бодрени од нашите навивачи, одигравме сериозен натпревар и горд сум на тимот. Ова е само почеток за нас! Нашиот менталитет е да бидеме најдобри во Европа.

– Ова беше многу тежок меч против силен ривал како Ливерпул, ни беше тешко да ја држиме топката како на првиот меч, но покажавме карактер, менталитет и пред се благодарение на Донарума го добивме натпреварот. Докажавме дека сакаме да играме добар фудбал, без разлика кое е името на стадионот и каква е атмосферата.

– Ливерпул беше најдобар тим во групната фаза, не победивме било кого и тоа треба да не радува. Сега треба да почнеме да мислиме на следната фаза и сигурен сум дека повторно ќе играме добар фудбал, – изјави Лучо.