Пирс Броснан, кој го играше Џејмс Бонд, изјави дека следниот актер кој ќе го игра тајниот агент не смее да биде Американец, особено откако Амазон ја презеде франшизата. Броснан смета дека е очигледно дека наследникот на Даниел Крег мора да биде Британец, како реакција на гласините дека Американец може да биде избран за агентот 007.
Броснан призна дека го очекувал преземањето на франшизата од страна на Амазон. Иако мисли дека тоа е „вистинската одлука“ на долгогодишните продуценти Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон, тој исто така изразил „одредена тага“.
„Потребна е голема храброст да ја препуштиш контролата“, рече Броснан, додавајќи дека се надева дека Амазон ќе се однесува со ликот и делото на Џејмс Бонд „со достоинство, имагинација и почит“.
Иако е Ирец и, заедно со Австралиецот Џорџ Лазенби е еден од двајцата актери кои го играле Бонд а кои не се од Велика Британија , Броснан смета дека следниот Бонд мора да биде Британец. Ова мислење го делат многу обожаватели кои стравуваат дека американскиот актер во улогата на Бонд би го оштетил британскиот идентитет на филмскиот серијал.
На прашањето дали би бил заинтересиран да се врати во улогата на Бонд, Броснан одговори потврдно.
„Како не би бил заинтересиран? рече тој, додавајќи дека тоа е „прилично романтична идеја“, но дека веројатно е „најдобро да му се препушти на друг човек. Свежа крв.’
Иднината на филмовите за Џејмс Бонд
И покрај оптимизмот на Броснан, иднината на Џејмс Бонд останува неизвесна.
„Никој навистина не знае што ќе се случи со 007 под контрола на Амазон“, призна актерот. Поминаа повеќе од три години од објавувањето на „No Time To Die“ во 2021 година, што го означи крајот на ерата на Даниел Крег, а сè уште нема официјална најава за нов актер, ниту временска рамка за следниот филм.
Британските актери Џејмс Нортон и Арон Тејлор-Џонсон се меѓу фаворитите за улогата, а како потенцијални кандидати се споменуваат и Ендрју Гарфилд, кој има британско-американско потекло, Оскар Исак и Педро Паскал, кој има американско потекло. Иако Арон Тејлор-Џонсон беше во центарот на вниманието како водечки кандидат, сè уште нема официјална најава за неговиот ангажман.