Социјалдемократскиот сојуз си го покажа вистинското лице и на планот на меѓународната политика на државава. Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски кој воедно е и поранешен претседател на државата предложен од таа партија, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека е против стратешкиот партнер на Македонија, САД, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова говори дека СДС и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале. Стево Пендаровски уште еднаш и покажа на јавноста дека е само аналитичар, поточно импровизатор и оговарач“, велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека не само тоа, туку експретседателот влегол и во зоната на недозволено однесување кога станува збор за дипломатија и меѓународна политика.
„Па така, Пендаровски од СДС говореше како разбрал за време на средби со дипломати што се зборувало со владини претставници нешто што е национален интерес на Македонија. Со ова Пендаровски од СДС влезе и во сферата на откривање на државни позиции“, се додава во партиското соопштение.
До Пендаровски порачаа дека треба да се освести и како поранешен претседател да престане да се однесува како личност која анализира и оговара.
Поранешниот претседател викендов изрази загриженост затоа што македонската влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски се позиционирала близу новата администрација на Доналд Трамп. Пендаровски верува дека Македонија како мала држава, се поставува наспроти глобалните промени и треба двапати да размисли пред да застане прва до Трамп.
Пендаровски рече дека Трамп ја пореметил глобалната рамнотежа, ја пореметил внатрешно трансатлантската заедница, затоа што вовел царини и започнал со офанзивни дејствија против своите најголеми сојузници досега и соседи. Во врска со коспонзорството на Македонија на американската резолуција во ООН, дополни дека не може држава со 1,8 милиони луѓе да биде коспонзор на Резолуцијата во ООН рамо до рамо со Америка