[ВИДЕО] Русите ги изненадиле Украинците, буквално искокнале од гасоводот

Точка

09/03/2025

13:59

3.496

Големина на фонт

а а а

Русија денеска го нападна градот Суџа, откако специјалните сили употребија гасовод за да ги изненадат украинските единици како дел од големата офанзива за протерување на украинските војници од западниот руски регион Курск, објавија проруските воени блогери.

Украинските воени власти подоцна објавија дека руската војска се обидела да го заземе градот Суџа, кој го држат Украинците, во западниот руски регион Курск со испраќање војници преку гасовод, но тврдеа дека руските сили биле „навреме откриени“ од тим за воздушно извидување и биле одбиени со помош на проектили, артилерија и беспилотни летала.

„Пешачеле 12 километри низ гасоводот“

Илјадници украински војници зазедоа околу 1.300 квадратни километри од Курск во август минатата година во, како што рече Киев, обид да се добие потпора во идните разговори и да се принуди Русија да ги премести своите воени сили од источна Украина.

Јуриј Подољака, проруски воен блогер роден во Украина, рече дека руските специјални сили пешачеле околу 12 километри по главниот гасовод и дека некои поминале неколку дена во цевката пред да ги изненадат украинските сили во близина на Суџа.


Во Суџа се лоцирани главните мерни објекти на гасоводот кој го пренесуваше рускиот природен гас до украинскиот систем за транспорт на гас за натамошен транспорт во Европа.

Прорускиот воен блогер „Two majors“ изјави дека во тек е голема битка за Суџа и дека руските сили ги изненадиле украинските војници со тоа што влегле во градот преку главниот гасовод.

Специјалци со гас-маски и светилки

Руските Телеграм канали покажаа специјалци со гас-маски и светилки до она што изгледа како голема цевка.

Борбите продолжија во текот на целата ноќ во Суџа“, рече Подољака. „Борбите не престанаа“.

Друг воен блогер, Јуриј Котенок, рече дека украинските сили ја преместуваат опремата од Суџа кон границата.

„Во моментов нашите единици го напаѓаат североисточниот дел на Суџа и се борат во реонот на улицата Ломоносов и индустриската зона Суџа“, рече Котенок.

Украинскиот упад во Курск минатиот август беше најсериозниот напад на руска територија од нацистичката инвазија на Советскиот Сојуз во 1941 година.

Во последните недели и месеци, руските сили ги потиснаа украинските сили во Курск, ставајќи десетици илјади украински војници во ризик од опкружување.