Младиот Диџеј Даниел минатата година група луѓе го малтретирале и исмејувале бидејќи носел полициска униформа. Сега, американскиот претседател Доналд Трамп му одаде почест и му ја додели титулата почесен агент на тајната служба.
Се бори против ракот
Деварџај Диџеј Даниел (13), кој се бори со ракот, беше прогласен за почесен агент на американската тајна служба за време на обраќањето на претседателот Трамп во Конгресот во вторникот.
Диџеј ја инспирирал нацијата кога директорот на Тајната служба Шон Куран го прогласи за почесен агент на американската тајна служба. „Белата куќа нѝ се обрати и нѝ рече дека претседателот Трамп сака да се сретне со Деварџаје“, изјави Теодис Даниел, таткото на момчето, за „The Post“. Нѝ купија авионски билети, а агентите на ФБИ нè собраа на аеродромот“.
„Седевме до господинот Илон Маск, првата дама беше пред нас, а Кеш Пател беше од десната страна на мојот син“, рекол таткото, кој е поранешен пожарникар. Тој исто така изјавил дека Меланија Трамп била фина, мила и приземна како и дека Маск се ракувал со нив.
Го исмејувале кога носел полициска униформа
На Диџеј му бил дијагностициран рак на мозокот во септември 2018 година, кога имал шест години. Во тоа време семејството штотуку се преселило во Хјустон, каде децата се подготвувале за упис во нови училишта. „Неговото тело се вкочани и наеднаш му се појави пена во устата“, изјавила неговата мајка Демитра Џонсон. Тогаш семејството веднаш го однело в болница каде му бил дијагностициран рак на мозокот во трета фаза. Туморот, како што рекол таткото, бил со големина на лимон.
Лекарите му рекле на Диџеј дека му преостануваат само пет месеци живот, но оттогаш поминале шест години, а досега имал 13 операции. Меѓутоа ракот е сè уште присутен, но Даниел продолжува да се лекува. Пред неговата дијагноза, тој веќе решил дека кога ќе порасне сака да биде полицаец.
Бидејќи момчето било болно, неговиот татко организирал тој да положи заклетва како почесен службеник на полицискиот оддел Брукшир во Тексас во 2019 година. Оттогаш, тој станал почесен член на повеќе полициски оддели, и веднаш добил полициска униформа и капа. Но многу негови врсници го исмејувале затоа што носел униформа, а таквите снимки се проширија на социјалните мрежи.