Милош Вучевиќ, премиерот на Србија во заминување, утрово изјави дека професорите и наставниците што не предавале нема да ги добијат февруарските плати. Премиерот ја истакна и изјавата на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, дека студентите треба да се вратат на универзитетите најдоцна до 17 март за да не се изгуби академската година.
„Се плашам дека е уште потешко за училиштата, не сум сигурен како е можно да се постигне тоа. Професорите и наставниците, кои не држеле настава во училиштата, утре нема да го добијат првиот дел од февруарската плата. Тој што не работи, нема да земе плата“, изјави утрово Вучевиќ за „Прва телевизија“.
Како што рече, „тоа апсолутно не е фер кон оние што работеле“.
„Оние што работат и во минимален работен процес немаат проблем да добијат плата. Тоа е процес кој е правен и нешто што државата може да го препознае. Дозволивте нашите училишта да се затворат, а сепак велите дека се борите за подобра Србија. Конкретно, не може да се легализира тоа што лукаво го направија, родителите да одлучуваат во групите на ‘Вибер’ дали ќе одат децата или не на училиште. Која безбедност е загрозена во училиштата? Каква врска има ова со паѓањето на натстрешникот? Апсолутно никаква“, рече, меѓу другото, Вучевиќ.