Суспендирањето на американската воена помош за Украина е лоша вест, изјави денеска полскиот заменик министер за одбрана Сезари Томзик.
Американскиот претседател Доналд Трамп нареди прекин на воената помош за Украина по вербалната расправија меѓу него и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба во петокот, објави Си-Ен-Ен, цитирајќи извор од Белата куќа. „Претседателот (Доналд Трамп) е јасен дека е фокусиран на мирот. Нашите партнери исто така треба да бидат посветени на таа цел“, рече изворот. Според него, помошта ќе биде суспендирана додека Трамп не биде сигурен дека Зеленски е подготвен да започне мировни преговори.
Суспензијата се однесува на целата воена опрема што се уште не пристигнала во Украина. Овој потег на Америка уследи по минатонеделната средба меѓу Трамп и Зеленски во Овалната соба, која се одвиваше во тензична атмосфера, со повремени довикувања меѓу двајцата лидери.
Зеленски ја напушти Белата куќа по „гневната размена“ со Трамп и американскиот потпретседател Џ.Д. Венс. Трамп на својата платформа „Truth Social“ објави дека Зеленски „покажал непочитување“ кон САД во Овалната соба, пренесува Танјуг.