Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика европските земји значително да ги зголемат годишните воени трошоци, на повеќе од 3 отсто од БДП. Оваа порака тој ја испрати по итниот состанок за Украина, кој се одржа во Лондон.
Додека балтичките земји веќе некое време бараат воените инвестиции да се зголемат на најмалку 3 отсто од БДП, а актуелниот американски претседател Доналд Трамп бара до 5 отсто, Макрон сега за првпат конкретно изјави колку Европа треба да одвои според него.
„Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана во последните три години. Мораме да се подготвиме за она што доаѓа, а нашата цел треба да биде меѓу 3 и 3,5 отсто од БДП“, рече Макрон во интервју за францускиот весник „Фигаро“. Франција моментално троши 2,1 отсто од својот БДП за одбрана, што е нешто над целта на НАТО од 2 отсто, која Париз ја постигна дури минатата година.
Европа, пак, се обидува да договори заеднички одговор на новата американска политика кон Украина. Вашингтон се повеќе и врти грб на Европа и бара договор со Русија, а стравувајќи за иднината на НАТО, европските земји сакаат да ги зајакнат сопствените воени капацитети и да покажат подготвеност да ги споделат трошоците во алијансата за да ја задржат американската поддршка.
Европскиот совет во четврток одржува специјален самит за одбраната и Украина, а лидерите се очекува да разговараат за начините за финансирање поголеми воени инвестиции.