[ВИДЕО] - Дваесет и една година од авионската несреќа во која загина Борис Трајковски

Макфакс

26/02/2025

12:53

1.184

Големина на фонт

а а а

Државни делегации и членови на семејствата денес ќе положат цвеќе во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 21 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.

Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.


Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.

Првичната истрага што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност.

На барање на македонските власти, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР, беше отворена нова истрага во јануари 2013 година, што ја водеше меѓународен тим предводен од Омер Кулиќ. И во нивниот извештај како клучни причини за несреќата беа наведени грешки на екипажот и системски пропусти.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.


Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.