Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари одвоени средби со амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.
На средбата со амбасадорката Филипиду беше потврден заедничкиот интерес за унапредување на добрососедските односи, со цел зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот преку неговото целосно интегрирање во Европската Унија. Во таа насока, беа реафирмирани заложбите за продлабочување на билатералната соработка, особено во областите на инфраструктурното поврзување, енергетиката, одбраната, културата и туризмот.
Во разговорот со амбасадорот Памер беше изразено заедничко задоволство од досегашната динамика во билатералните односи, како и од континуираниот политички дијалог меѓу двете земји.
Министерот Муцунски се заблагодари за досегашната австриска поддршка во процесот на исполнување на европските приоритети и македонските евроинтеграции. Фокусот на разговорите беша ставен и на економските и трговските односи, при што беше потенцирана потребата од нивно натамошно унапредување, со акцент на зголемување на инвестициите и продлабочување на деловната соработка меѓу бизнис-заедниците на двете земји.