Кремљ: Ја поздравуваме балансираната позиција на САД на гласањето во ОН

Макфакс

25/02/2025

12:47

231

Големина на фонт

а а а

Кремљ го поздрави, како што рече, балансирниот став на САД за гласањето на Вашингтон во ОН, заедно со Москва, против резолуцијата за Украина подготвена од Киев и Европејците, со која се осудува рускиот напад врз земјата.

„Забележуваме дека САД усвојуваат многу поизбалансирана позиција која реално се концентрира на напорите насочени кон решавање на украинскиот конфликт“, изјави за новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

„Го поздравуваме тоа. Оваа избалансирана позиција сведочи за вистинската желба да се придонесе за решение“, додаде Песков.

Тој рече дека не гледа никакви знаци на рамнотежа меѓу Европејците кои ја поддржаа резолуцијата за Украина со која се осудува Москва, гласајќи против САД.

„Можно е по контактот меѓу Европејците и Американците, на еден или друг начин, Европа да гравитира кон поголема рамнотежа“, рече Песков.

Вчера, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, ОН гласаа за три резолуции за земјата во две нејзини тела – Генералното собрание и Советот за безбедност – во гласањето што сигнализираше пресврт на американската позиција по ова прашање.

Генералното собрание вчера усвои две резолуции, едната подготвена од Украина и европските земји, за кои САД гласаа против, заедно со Русија и 16 други земји, и другата предложена од САД, но која беше ставена на гласање со бројни амандмани за да вклучи осуда на Русија за конфликтот, а САД беа воздржани.

Потоа, САД го доставија својот оригинален текст на резолуцијата до 15-члениот Совет за безбедност на ОН, во кој се повикува на брз мир во Украина без упатување на нејзиниот територијален интегритет или осуда на Русија, и беше изгласана од САД и Русија, додека четири земји од ЕУ и Велика Британија беа воздржани. Ниту Франција, ниту Велика Британија, две од петте постојани членки на Советот за безбедност (другите две се САД, Русија и Кина), не ставија вето.