Калас: Дискусијата за можни мировни сили во Украина е ризик да се падне во „руска замка“

Макфакс

18/02/2025

21:17

699

Големина на фонт

а а а

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас денеска предупреди дека европската дискусија за можните мировни сили во Украина претставува ризик да се падне во „руска замка“.

Калас во интервју за „Еуроактив“ предупреди дека обидите да се најде коалиција за мировна мисија се предвремени, бидејќи, како што тврди таа, Русите не сакаат мир.

Пред тие разговори, рече таа, фокусот на Европа треба да биде да ја стави Украина во позиција каде што е „способна да каже „не“ на лош договор“, додавајќи дека колку е посилна земјата на бојното поле, толку е посилна на преговарачката маса.


На прашањето дека Европа не била на маса во американско-руските преговори во Ријад, Калас рече дека Американците можат да се сретнат со кого сакаат, но за да успее секој мировен договор во врска со Украина, мора да ги вклучи и Европејците и Украинците.

Како што наведе таа, во случај американскиот претседател Доналд Трамп да одбие да ги вклучи Европејците во преговорите, а се постигне договор со кој Европејците не се согласат, тогаш тој едноставно ќе пропадне, бидејќи нема да се спроведе.

Според неа, ако се погледнат сликите од Саудиска Арабија, Русите се победници.

„Нивниот став е: „Сега сите доаѓаат кај нас и ни нудат што сакаме. Не смееме да паднеме во руските замки“, нагласи Калас.

Запрашана да го коментира фактот дека самитот во Париз одржан во понеделникот не произвел конкретни планови и колку брзо може да се постигне план, Калас нагласи дека ако зборуваме за мировници, тогаш паѓаме во руската замка, бидејќи, како што наведе, „тие не сакаат мир“.

„Ако ги прочитате коментарите на Русите, тие беа прилично среќни; тие веќе освоија сè. Прво, треба да извршиме притисок врз Путин за да сака да се движи кон мир“, рече таа.

Запрашана да го коментира ставот на Украинците, кои наведуваат дека присуството само заради присуство не е изводливо, Калас рече дека доколку се разговара за тоа, тогаш може да се разговара, но дека, како што истакна таа, „во моментов не сме на тоа ниво“, пренесува Танјуг.

„Во моментов треба да ги насочиме силите кон поддршка на Украина да биде што посилна на бојното поле, бидејќи тие ќе бидат посилни и на преговарачката маса. Треба да ја ставиме Украина во позиција да може да каже не, на лош договор“, рече Калас.