Во Германија во недела ќе се одржат парламентарни избори, на кои четворица кандидати се борат за канцеларската функција.
Олаф Шолц
Актуелниот канцелар, Олаф Шолц, социјалдемократ од левиот центар, има обемно искуство во владата, откако претходно беше градоначалник на Хамбург и министер за труд и финансии. Шолц иницираше напори за модернизација на германската армија по руската инвазија на Украина и ја постави Германија како втор најголем снабдувач на Украина.
Неговата влада ја спречи енергетската криза и се обиде да се справи со високата инфлација. Сепак, неговата трипартиска коалиција стана позната по внатрешните конфликти и се распадна во ноември минатата година поради дебатите за тоа како да се ревитализира германската економија, која се намали во последните две години.
Фридрих Мерц
Фридрих Мерц, лидерот на опозицијата, беше фаворит во изборната кампања, а неговиот централно-десничарски блок води во анкетите. Тој стана лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) по оставката на долгогодишната канцеларка Ангела Меркел во 2021 година.
Мерц ја водеше партијата кон поконзервативни позиции и го стави на преден план прашањето за сузбивање на нерегуларната миграција во својата предизборна кампања. Тој беше пратеник во Европскиот парламент од 1989 година, а пет години подоцна стана пратеник во германскиот парламент. По 2009 година, направи пауза од активната политика. Мерц работел и како адвокат неколку години и бил претседател на надзорниот одбор на германската филијала на компанијата Блек Рок.
Роберт Хабек
Роберт Хабек е кандидат на Зелената партија и моментално е вицеканцелар и министер за економија и клима, одговорен за енергетските прашања.
Како ко-лидер на Зелените од 2018 до 2022 година, тој беше одговорен за растот на популарноста на партијата, но се повлече во 2021 година за да и дозволи на Анален Баербок, сега министер за надворешни работи на Германија, да се кандидира за канцелар. Досието на Хабек како министер беше подложено на различни критики, особено во врска со планот што неговото министерство го подготви за замена на системите за греење со фосилни горива со позелени алтернативи, што ги продлабочи поделбите во владата.
Алис Вајдел
Алис Вајдел е кандидат на екстремно десничарската, антиимигрантска партија Алтернатива за Германија (AfD). По образование е економист и се приклучи на партијата веднаш по нејзиното основање во 2013 година.
Таа е копретседател на парламентарната група откако АфД првпат освои места во парламентот во 2017 година. Од 2022 година е копретседател на партијата, заедно со Тина Чрупал. Во декември таа беше номинирана за кандидат за канцелар, иако другите партии изјавија дека нема да соработуваат со АфД.