Во текот на последните неколку недели, воениот конфликт во Украина е обележан со интензивни позициони битки, кои, иако се водат со големи загуби и со сѐ поголеми тешкотии, не носат значителни стратешки промени на терен.
Руските сили полека напредуваат, но, како што укажуваат извештаите, тие не успеваат да постигнат големи и дефинитивни победи, кои би ја промениле динамиката на војната. Секојдневно се бележат значителни човечки загуби, со околу илјада убиени и ранети на дневна основа, што создава огромен притисок и за двете страни.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да води разговори со украинскиот лидер Володимир Зеленски „ако тоа е потребно“. Според Песков, Путин е подготвен за преговори доколку тоа се покаже неопходно, но првично ќе треба да се разгледа правната основа на договорот, со оглед на тоа што легитимноста на Зеленски може да биде доведена во прашање.
Песков исто така додаде дека пристапувањето на Украина во Европската унија е суверено право на Украина и дека Русија нема намера да му диктира на Киев како да го решава тоа прашање. Сепак, како што истакна, Русија ќе повлече црвена линија кога станува збор за воените сојузи.
„Зборуваме за интегративни и економски процеси, и тука, се разбира, никој не може да диктира ништо на ниту една земја и ние тоа нема да го правиме. Но, постои сосема поинаков став кога се во прашање прашања од безбедноста, одбраната и воените сојузи,“ изјави Песков.
Песков додаде и дека преговорите меѓу Русија и САД во врска со судбината на Украина можат да откријат повеќе детали за можното средување на состојбата, вклучувајќи можноста за средба помеѓу Владимир Путин и Доналд Трамп.
Ситуацијата во Украина продолжува да се комплицира на повеќе фронтови. Воените борби се интензивираат, а руските сили постепено напредуваат на теренот. Но, и покрај напорите на Кремљ да постигне воен успех, дипломатските и политичките маневри продолжуваат да бидат клучни во овој конфликт. Путин продолжува да поставува ултиматуми, додека Украина, наспроти воените притисоци, се соочува со растечки внатрешни политички конфликти кои дополнително ја поткопуваат нејзината стабилност. Мирот сѐ уште изгледа далеку, а војната се чини дека ќе продолжи со истата бруталност, без јасен крај.