Ако тестирањето на оваа делница донесе посакувани резултати, се очекува до 2030 година да бидат електрифицирани 5.000 километри сообраќајни ленти, а до 2035 година дури 9.000 километри.
Во Франција за првпат е поставена тест делница на автопат со индуктивно полнење, една година подоцна од планираното. Станува збор за делница од автопатот A10, долга два километри, која ги поврзува Париз и Орлеан.
Во јануари започнаа работите на поставување на индуктивни плочи што ќе ги полнат батериите на возилата додека се движат по патот. За функционирање на овој систем, електричните возила мора да бидат опремени со индуктивен приемник, слично како кај безжичното полнење на мобилните телефони.
Секое возило ќе има калем што ќе прима енергија од калемите вградени во патот, а за време на тестниот период ќе се испитува компатибилноста и ефикасноста на полнењето.
Во рамките на тестирањето, различни видови возила – автомобили, комбиња, камиони и автобуси – ќе ја користат оваа технологија, а повеќе возила ќе можат истовремено да се полнат на истата делница.
Работите треба да бидат завршени во април 2025 година, според информациите на компанијата "Electreon", која во 2023 година го доби договорот за имплементација на оваа израелска технологија.