За ДОМ е неприфатлив предлогот за промена на државниот грб.
Партијата ја повикува власта да не прави дефокус на јавноста од потребата да се фати во борба против корупцијата, аерозагадувањето, здивените цени во маркетите и на електричната енергија, а се заради зголемување на сопствениот рејтинг пред претстојните локални избори.
Претходно стана јасно дека и помеѓу коалиционите партнери во Владата засега нема консензус на оваа тема, откако ЗНАМ стави до знаење дека не ја гледа потребата за промена на државниот грб.
Лидерот на оваа партија, Максим Димитриевски смета дека грбот ги отсликува македонската историја и реалност.
„Сите тие симболи нам ни значат вклучувајќи го и лавот и сонцето од кутлеш коешто за жал согласно преспанскиот договор повеќе не е составен дел од таа иконографија. но, како и да е – исто така е и петокраката. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет и ја отликува реалноста на македонскиот народ и држава. Ние од ЗНАМ сметаме дека не треба да се дозволи од државните обележја да имаме дополнително наметнување на политиката и партизација“, изјави Максим Димитриевски.
Предлогот не го поддржува ниту опозициската СДСМ.
„Ние сметаме дека државниот грб сосем соодветно ги отсликува сите хералдиски карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и од придобивките на Народноослободителната и антифашистичка војна, нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче пред четири дена.
Пред неколку дена Мицкоски потврди дека со Вреди веќе разговарале за нов државен грб. Пратеникот Антонијо Милошоски, пак, претходно денес изјави дека Македонија треба да има современ државен грб и со неговата симболика да биде дел од европското друштво на држави, а не во друштво на Белорусија, Таџикистан и Ангола.
Измените се носат со двотретинско мнозинство.