Голем број граѓани го започнаа протестот на скопскиот булевар „Партизански одреди“ за каде беше најавен почетокот на истиот, на кој роднините и пријателите, но и граѓаните бараат правда за Фросина Кулакова.
Тие го започнаа протестот од местото каде, 22 годишна девојка на 29 јануари беше прегазена додека минувала на пешачки, од автомобилот на 20-годишниот возач (Васил Јованов), кој според официјалните информации, немал возачка дозвола, имал алкохол во себе и поминал на црвено. Тој во моментов е во притвор во Шутка.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков пред почетокот на протестот апелираше до демонстрантите да учествуваат во мирен марш, пренесе Радио Слободна Европа.
„Станува збор за исклучително племенито девојче и во нејзина чест ве молам ова да биде мирен протестен марш“, изјави Кулаков.
На денешниот протест ќе се протестира и пред Влада, Собрание и пред Апелација.
Семејството на Фросина го предводи протестиниот марш, и во првите редови до нив се родители и семејства на жртви во сообраќајни несреќи кои бараат правда за своите најблиски. Меѓу демонстрантите има и луѓе со транспаренти кои бараат правда и за загинатите во сообраќајната несреќа кај селото Ласкарци.
Протестот се оддржува под силно полициско обезбедување, а демонстрантите со транспаренти во рака на кои пишуваше: „кој ќе биде следен“ алудираа на благата казнена политика и системските пропусти поради кои прекршителите на тешките сообраќајни несреќи поминуваат „лесно“.
Инаку револтот во јавноста особено се разгоре откако се дозна дека возачот, која ја прегази Фросина, Васил Јованов и претходно имал сообраќајни прекршоци за кои до несреќата не сносил одговорност, како и дека за него постоела и кривична пријава за поседување дрога, но во овој случај судијата пресудил тој да биде упатен во поправен дом во Тетово.
Оваа мерка до прегазувањето на Фросина се уште ја немал почнато да ја отслужува.
ФОТО: Радио Слободна Европа.