Нападот во Вилах, во кој Сириец до смрт избоде 14-годишно момче и повреди пет лица, се третира како терористички напад со исламистичко потекло, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.
„Се работи за исламистички напад поврзан со Исламската држава“, изјави министерот Карнер. Тој рече дека 23-годишниот осомничен Сириец, кој легално престојувал во Австрија, се радикализирал преку интернет.
Потсетуваме, вчера напаѓачот по случаен избор со нож нападна минувачи во центарот на Вилах, при што тешко повреди 14-годишно момче кое подоцна почина. Повредени се уште пет лица, од кои три се на интензивна нега. Инаку напаѓачот бил запрен од друг Сириец кој доставувал храна со автомобил.
Се смееше кога го уапсија
„На снимката од апсењето јасно се гледа како напаѓачот се смее“, изјави Рајнер Дионисио, шеф на одделот за односи со јавноста на полицијата во Каринтија.
Напаѓачот, кој претходно не ѝ бил познат на полицијата, поседувал картичка за барател на азил и наводно престојувал во прифатниот центар Лангауен. Сведоците исто така рекоа дека тој извикал Алаху Акбар.
Му пронајдоа знаме на ИСИС, се заколнал на верност на ИСИС
Кроне сега објави нови детали за напаѓачот. Според извештајот, тој се заколнал на верност на таканаречената Исламска држава, се радикализирал преку ТикТок, а во неговиот стан било пронајдено знаме на ИСИС.
Според информациите на Кроне, кои доаѓаат од Федералната канцеларија за заштита на Уставот, утврдено е дека напаѓачот се радикализирал преку социјалните мрежи, слично како напаѓачот од Виена, Беран А. Тој следел различни исламистички проповедници на ТикТок, и се заколнал на верност на ИСИС.
Тој не бил на списокот на луѓе кои австриската служба за безбедност ги смета за потенцијално опасни. Во моментов на тој список има околу 150 луѓе, но меѓу нив не беше 23-годишниот Сириец, кој пристигнал во Австрија во 2020 година и неодамна добил статус на бегалец. Исто така не им бил познат на меѓународните разузнавачки служби и немал криминално досие.
Лидерот на ФПО: До кога народот ќе се смета за глупав?
Претседателот на десничарската популистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ), Херберт Кикл, остро реагираше на нападот во Вилах и ги обвини останатите партии дека се премногу попустливи кон сторителите и миграцијата. „До кога народот ќе се смета за глупав? Не можам повеќе да ги слушам овие брборења за тоа како сторителот ќе ја почувствува „сета строгост на владеењето на правото“, рече Кикл.
Кикл, чија партија освои најмногу гласови на последните избори во септември, се надева на предвремени избори на кои очекуваат уште подобри резултати. Според некои анкети, FPÖ би можела да освои до 40 отсто од гласовите.
Австрискиот претседател Александар ван дер Белен во моментов се обидува да најде кандидат кој би можел да формира стабилна влада преку разговори со партиите.
Почнуваат масовните проверки
Министерството за внатрешни работи објави дека ќе им наложи на Федералната служба за јавна безбедност и на Федералната канцеларија за имиграција и азил да извршат „масовни, случајни проверки на лицата на кои им е доделен статус на заштита во последните години, со посебен фокус на Сиријците и Авганистанците“.
Министерот за внатрешни работи Герхард Карнер (ÖVP) ѝ се заблагодари на полицијата и итните служби за брзата интервенција и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Мораме да преземеме решителни чекори по таков страшен настан – напаѓачот треба да биде затворен и депортиран. Државната безбедност мора да има можност да реагира и да врши масовни проверки без некој посебен повод“, рече Карнер на прес-конференција. Како целна група ги издвои барателите на азил од сириско и авганистанско потекло.
Директорката на полицијата Михаела Колвајс извести дека по нападот имало кратко сомневање за втор сторител, поради што, меѓу другото, привремено била затворена главната станица во Вилах.
Напаѓачот бил запрен од друг Сириец
Напаѓачот беше запрен од друг Сириец, 42-годишниот Алаедин Алхалаби, кој со години работел како доставувач на храна во Австрија. Оваа информација ја потврди и Дионисио. „Четириесет и двегодишен доставувач на храна, исто така сириски државјанин, бил сведок на нападот. Без размислување се упатил со своето возило кон напаѓачот“, рече тој.
„Прво се расправаше со луѓе на споредна улица, а потоа наеднаш почна да ги удира по случаен избор. Прво се обидовме да го задржиме, но кога го видовме ножот веднаш се оддалечивме“, раскажа за Кроне еден од сведоците на нападот, 29-годишниот Махир. Тој и неговиот пријател Мартин (36) работат и живеат во непосредна близина на местото на злосторството и добро го познаваат доставувачот на храна кој спречил натамошна трагедија.
„Видов лице како лежи на земја, а маж со нож ги напаѓаше минувачите. Не се размислував ниту еден момент, едноставно тргнав со мојот автомобил кон него“, рече Сириецот кој го запрел напаѓачот.
„Не можев само да стојам и да гледам“
„Тој се движеше кон центарот на градот, а имаше деца на улицата – не можев да го дозволам тоа. И јас сум татко, и јас имам деца“, рече Алхалаби во интервју за Кроне. „Да бев само малку побрз, можеби 14-годишното момче сè уште ќе беше живо … Само што требаше да ја преземам нарачката во Ледерергасе кога видов крв и две повредени лица на земја“, се потсети Алхалаби. Тој со својот автомобил се упатил кон напаѓачот, кој мавтал со нож. „Го удрив и се одби неколку метри. Тој остана да лежи на земја“, рече тој.
Минувачите почнале да го удираат неговиот автомобил. „Мислеа дека јас сум напаѓачот“, објасни Алхалаби. Тој најостро ги осуди постапките на неговиот сонародник: „Не сме сите такви! Јас сум тука многу години, добро се интегрирав, како и многумина други. Се надевам дека луѓето нема да нè споредуваат со сторителот“, додаде тој.
„Реагирав инстинктивно. Верувам дека секој на мое место би го направил истото“, изјави 42-годишникот.