Нови пронајдоци на локалитетот Расница: Откриено богато војничко погребување од VI век

Макфакс

05/10/2026

16:14

193

Големина на фонт

а а а

Откриено е богато војничко погребување од VI век пред новата ера на археолошкиот локалитет Расница кај село Корошишта, со голем број на археолошки предмети како штит, шлем, меч и златни прилози, што ја потврдува историската важност на локалитетот и отвора нови можности за проучување на архајскиот период во Македонија.

Богато војничко погребување од VI век пред новата ера е откриено на археолошкиот локалитет Расница кај струшкото село Корошишта. Во гробот се пронајдени штит, шлем, копја, меч, како и богати прилози изработени од злато, бронза и килибар, соопшти Министерството за култура.

Од таму велат дека ова откритие следува по монументалните наоди од 2024 година, кога археолошките истражувања на локалитетот го привлекоа вниманието на јавноста со откривањето на богата гробна целина.

Тогаш беа пронајдени бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златни предмети, килибарни и стаклени мониста, сребрени игли и повеќе бронзени садови.

„Најновите резултати дополнително го потврдуваат карактерот на Расница како архајска некропола и отвораат нови можности за проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура, како и елитите што живееле во Охридско-струшкиот Регион во VI век пред новата ера“, велат од Министерството.

Истражувањата ги спроведува Националниот археолошки музеј од Скопје, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство.

Според надлежните, новите наоди претставуваат значаен придонес за проучувањето на архајскиот период во Македонија.

„Со континуираните истражувања, Расница сè повеќе се издвојува како еден од значајните археолошки комплекси од овој период во земјава“, велат од Министерството.