Се заканува ескалација на немирите во Франција: Влијателен синдикат упати повик до работниците

Точка

04/10/2026

18:32

388

Големина на фонт

а а а

По помирниот викенд, се очекува средношколците во Франција утре повторно да се вратат на барикадите во рамки на протестното движење кое сериозно ја потресува владата на претседателот Емануел Макрон.

Едно од клучните прашања ќе биде дали насилството ќе ескалира, со што дополнително би се замаглила границата меѓу протестите и немирите, како и дали владата на Макрон дополнително ќе го засили полицискиот одговор, пишува „Асошиејтед прес“.

Според министерот за внатрешни работи, полицијата минатата недела уапсила повеќе од 5.000 лица, од кои 85 отсто биле малолетници. Повредени се стотици луѓе. Еден од клучните тестови за издржливоста и привлечноста на движењето ќе биде во вторник, кога влијателниот синдикат ЦГТ ги повикува и работниците да излезат на протести.

Ученичкиот синдикат изнесе низа забелешки

Според тврдењата на ученичкиот синдикат, кој е еден од главните организатори на движењето, учениците се фрустрирани поради дотраената инфраструктура, преполните училници, преоптоварените распореди, недостигот од наставници и друг персонал, како и недоволното финансирање на училиштата.


Некои бараат и укинување на државните платформи преку кои се врши пријавувањето за високо образование и факултети, бидејќи сметаат дека тие спроведуваат неправедна селекција.

„Не сме лошо образовани, само никој не нè слуша“, пишувало оваа недела на транспарент пред училиште во Сен-Сен-Дени, работничко предградие северно од Париз, кое е едно од жариштата на протестното движење.


Професорка: Условите повеќе не се такви какви што беа за нас

Ученици од различни делови на земјата се пожалиле дека за време на летните топлотни бранови се „варат“ во училниците без клима-уреди, додека во зима се смрзнуваат.

Француските медиуми објавуваа снимки од стаорци кои трчаат низ училиштата, урнати тавани, протекување вода, искршен мебел и други проблеми во дотраените училишни згради.


„Јавноста мора да знае дека условите за образование повеќе не се такви какви што беа за нас. Ситуацијата значително се влоши“, изјавила Софи Борди, 50-годишна професорка по книжевност од Париз.

„Училниците немаат вентилација и едвај можеме да ги отвориме прозорците“, изјавил за „Њујорк тајмс“ 15-годишниот Исам Махлуфи, ученик во средното училиште „Роза Паркс“ во Сен Дени.


Сепак, за училиштата се издвојува повеќе отколку за одбраната

Учениците тврдат дека постои нееднаквост во образованието, односно дека учениците од запоставените населби немаат еднакво квалитетна настава, услови и можности за напредување и покрај ветувањето содржано во француското национално мото: „Слобода, еднаквост, братство“.

На транспарентите што ги носеле првите демонстранти во Кретеј пишувало: „Премногу нееднаквост, згрозени сме“, „Образованието е право, а не привилегија“ и „Извинете што пречиме, ова е за нашата иднина“.

Сепак, издвојувањата за образование се меѓу најголемите трошоци во државниот буџет што владата на Макрон го предлага за 2027 година. За училиштата се предвидени 65,5 милијарди евра, што е повеќе од 63,4 милијарди евра предвидени за одбраната.

Учениците се жалат и на долгото траење на наставата. Во средните училишта часовите често почнуваат во 8 часот наутро и може да траат до раните вечерни часови. Според податоците на Европската унија, француските средношколци имаат еден од најголемите броеви задолжителни часови на настава во Европа.


„Повеќе ги гледам наставниците отколку сопственото семејство“, пишувало на транспарентот на една девојка која ја фотографирал весникот „Паризиен“.

Макрон веќе не може да се кандидира

Синдикалните организации и левичарските партии ги искористиле протестите како можност за пошироко изразување на незадоволството, во период кога францускиот претседател Емануел Макрон, кој поради ограничувањето на мандатите повеќе не може да се кандидира, влегува во завршницата на својот претседателски мандат.


„Јавниот образовен систем, по десет години Емануел Макрон е во катастрофална состојба. Му недостига сè“, изјавила Софи Венетитеј, лидерка на синдикатот на наставници кој им се приклучи на ученичките протести, за време на еден од неодамнешните протестни маршеви.


Запалено училиште, каменувано противпожарно возило, напади врз полицајци…

Многу од протестите започнале мирно, но ескалирале кога демонстрантите почнале да користат пиротехнички средства и да напаѓаат училишта и друга инфраструктура, што, според официјалните лица, предизвикало штета во вредност од неколку милиони евра.


Стотици училишта биле погодени од неодамнешните блокади, соопштија надлежните, а нивниот број расте додека протестите од париските предградија се шират кон Марсеј, Лион и други градови.

Полицијата во четвртокот уапсила речиси 2.000 лица, а во петокот повеќе од 1.700, изјави францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез за „БФМТВ“. Организациите за заштита на човековите права, меѓу кои и „Амнести Интернешнал“, ја критикуваа употребата на солзавец и шок-бомби за растерување малолетници.

Повеќе од 60 вработени во училиштата биле повредени, меѓу кои и 40 директори, соопшти во петокот министерот за образование Едуар Жефре.


Во Нант демонстрантите запалиле училиште, во Марсеј каменувале противпожарно возило, а во Белфор бил уапсен 17-годишник откако ученици нападнале полицаец, изјавиле обвинители за „БФМТВ“. Во протестите биле повредени повеќе од 300 полицајци и припадници на жандармеријата, објави Нуњез на социјалните мрежи.


Франција има долга историја на младински протести кои повремено прераснувале во насилство, вклучувајќи ги и студентските протести од 1968 година, кои речиси ја собориле владата и придонеле за преобразба на француското општество.


Владата се согласила на одредени отстапки

Француската влада остро го осуди насилството и одговори со строги мерки. Жералд Дарманен, францускиот министер за правда, во петокот потврди дека им наложил на обвинителите, каде што е можно, да покренуваат кривични постапки и родителите да бидат сметани за одговорни за предизвиканата штета. Истовремено, владата призна дека дел од забелешките на учениците се оправдани.


Во четвртокот, очигледно во обид да ги смири протестите што брзо се ширеле, министерот за образование Едуар Жефре најави дека владата ќе се откаже од планираното зголемување на дел од давачките за упис на високообразовни институции, кое било најавено само неколку часа претходно во рамки на буџетот за 2027 година.


По средбата со претставници на ученичките синдикати, Жефре најави и демократизација на училиштата, со цел на учениците да им се овозможи поголемо учество. Тој исто така рече дека неговото министерство ќе изработи планови за решавање на проблемот со недостигот од наставници.


Лидерите на ученичкото движење ги отфрлија овие предлози. Сабрин Харбах, членка на ученичкиот синдикат што ги организира протестите, ги нарече „димна завеса“. Учениците најавија протести за вторник и ги повикаа политичките партии и синдикатите да им се приклучат.


Обвинувања на сметка на крајно левичарската партија „Непокорена Франција“

Француски функционери ја обвиниле крајно левичарската партија „Непокорена Франција“ дека го користи гневот на учениците за политичка корист. Кандидатот на таа партија за претседател, Жан-Лик Меланшон, според некои анкети е изедначен со водечкиот центристички кандидат на изборите што ќе се одржат за околу осум месеци. „Непокорена Франција“ ги отфрли овие обвинувања.


Меланшон го осудил она што го нарекол „дивјаштво“ на полицајците, кои во голема мера користеле солзавец и палки за да ги растераат собраните. Постои сомневање дека полициски проектили за контрола на немири се причина за дел од повредите на лицето со кои се здобиле младите демонстранти.

Меланшон, жесток антикапиталист, тврди дека неговата партија го поддржува движењето, но не го организира и дека сака протестите да останат ненасилни.


Меланшон, 75-годишен политичар, по четврти пат се кандидира за претседател на Франција и се обидува да ги придобие помладите гласачи. Тие на претседателските избори во 2022 година гласале во помал обем од другите возрасни групи, но доколку Меланшон успее да ги мобилизира да излезат на гласање, би можеле да му помогнат да се пласира во решавачкиот втор круг од изборите во мај, нешто што досега не му успеало.

„Она што го сакаме е младите луѓе во оваа земја да излезат од овој период со крената глава, откако нешто ќе изборат и нешто ќе научат, и да се сетат на тоа кога ќе гласаат“, изјавил Меланшон во четвртокот.