Многу Французи ризикуваат да добијат казни до 150.000 евра доколку поседуваат пампас трева во нивните градини бидејќи ова растение се смета за инвазивен вид.
Ова интересно растение со остри рабови и долги меки „пердуви“ често се користи како декорација во домовите и градините поради својот атрактивен изглед, меѓутоа, во Франција се наоѓа на црната листа од 2023 година.
Исто така пампас тревата е забранета и во Нов Зеланд и Хаваи.
Во Франција, каде што е особено распространета во Бретања, на југозапад и на брегот на Средоземното Море, жителите ризикуваат да добијат голема казна доколку имаат пампас трева во градината.
Односно ова растението, чие латинско име е „cortaderia selloana“, или пампас трева, всушност е забрането и не смее да се внесува во земјата, да се транспортира, продава или пресадува.
Казната за оние кои „произведуваат, собираат, складираат, пренесуваат, користат, транспортираат, увезуваат или го извезуваат“ ова спорно растение може да достигне до 150.000 евра и до три години затвор, според членовите (L415-3 и R415-1) од францускиот закон за животна средина (Code e l’environnement).
Казната се удвојува доколку прекршокот е направен во национален парк или природен резерват.
Според организацијата „Federation francaise du paisage“, поверојатно е дека санкциите ќе се применат за професионалните одгледувачи, но сепак законот е многу строг, пренесе „Tportal“.
Зошто пампас тревата е забранета во Франција?
По потекло од Јужна Америка, пампасот бил увезен во Франција во 18 век и користен како украс. Пампасот е многу сличен на растение чие официјално име е „cortaderia jubata“, познато како „андска“ или „виолетова“ пампас трева, која исто така е забранета со претходната регулатива од 2018 година (која сè уште е во сила).
Причините за забраната се следните:
Пампас тревата е многу инвазивна: едно женско растение може да произведе милиони семиња, кои ветрот ги разнесува на многу широко подрачје. Изртеното семе може да почне да расте за само три недели и да ја заземе областа на која се наоѓа.
Закана за биолошката разновидност: Растението е многу приспособливо и може да ја одземе водата, хранливите материи од почвата и светлината од другите автохтони растенија. Ова го прави ризично за биолошката разновидност.
Ризик за здравјето: Машките растенија произведуваат милиони поленови зрна кои се високо алергени за оние со алергии на трева.
Опасност од пожар: Исто така пампас тревата е многу запалива, што значи дека може да го зголеми ризикот од шумски пожари, на штета на другите видови растенија.