Нова студија: Постојат шест типа на љубов, а најмногу реагираме на овие два

Точка

13/02/2025

17:37

4.342

Големина на фонт

а а а

Веруваме дека сте слушнале за светски познатата книга „Петте јазици на љубовта“, преку која брачниот советник и автор д-р Гери Чепмен им помага на паровите да го идентификуваат, разберат и да почнат да го зборуваат мајчиниот љубовен јазик на нивниот сопружник, кој вклучува зборови на афирмација, квалитетно време, примање подароци, дела на љубезност и физички допир.

Љубовта е универзално човечко искуство, па за некои ќе значи интимно искуство, родителска љубов, а за други љубов кон природата. Ова е поддржано од една неодамнешна студија објавена во списанието „Серебрал кортекс“, која открива дека истиот збор љубов активира различни делови од мозокот, во зависност од видот на човечкото искуство. Во него се наведува и дека постојат шест типа на љубов.

Резултати од студијата

За студијата, истражувачите ја следеле реакцијата на мозокот на различни форми на љубов, со помош на 55 учесници-родители. Тие користеле магнетна резонанца за да ја измерат мозочната активност на учесниците притоа презентирајќи им внимателно дизајнирани сценарија на различни видови љубов: романтична, родителска, љубов кон пријател, љубов кон домашен миленик, сочувствителна љубов кон странец и љубов кон природата.


Родителската љубов, опишана преку сценарија како што е првото гледање на сопственото дете, ја предизвикала најсилната мозочна активност. Според соавторот Партили Рин, оваа длабока активација се случила во системот за наградување на мозокот, нагласувајќи ја примарната важност на врската родител-дете. Овој интензитет го следеше и романтичната љубов. Имено, двата вида љубов ги стимулирале центрите за наградување на мозокот, што укажува на нивната моќна улога во човечкото поврзување и опстанок.

Посуптилна искра за странци

Сочувствителната љубов кон странците ги активираше истите делови од мозокот како и блиските врски, но со значително помал интензитет. Ова сугерира дека, иако луѓето имаат вроден капацитет за емпатија и алтруизам, тој е помалку изразен на нервно ниво отколку љубовта кон познатите луѓе.

Природата и домашните миленици


Љубовта кон природата, исто така, доминира, или подобро кажано, ги осветлува деловите од системот за наградување на мозокот кои се различни од оние што се активираат со социјалните врски. Ова откритие, пак, навестува поинаков вид на исполнување што доаѓа од природниот свет. Кога станува збор за домашни миленици, резултатите зависеле од сопственото искуство на учесниците. Сопствениците на домашни миленици покажале значително поголема активација во областите на мозокот поврзани со социјалните врски во споредба со оние без миленичиња. Малку неочекувано, добиените резултати ги истакнуваат длабоките емоционални врски што многу сопственици несомнено ги формираат со своите животни.

Ментално здравје

Разбирањето како нашиот мозок обработува различни видови љубов може да има позитивно влијание за лекување на состојби на ментално здравје како депресија. Со идентификување на нервните патишта поврзани со различни форми на љубов, истражувачите од гореспоменатата студија се надеваат дека ќе развијат насочени терапии кои дополнително ќе ги зајакнат односите и ќе промовираат емоционална благосостојба.