Наследникот на "Chiron" наскоро пристигнува на јавните патишта.
Мате Римац, главното име во "Bugatti Rimac Group", на своите социјални мрежи сподели снимка од новиот "Bugatti" при возење. Иако се работи за прототип, звукот е целосно автентичен. Судејќи според објавата, новиот "Tourbillon" ќе звучи токму вака, благодарение на хибридниот погон, кој комбинира атмосферски "V16" мотор и три електромотори.
Камуфлираниот "Tourbillon" беше тестиран на патеката Нардо во Италија, каде што можеше да се забележи импресивното забрзување – дури и кога возилото беше напојувано само од бензинскиот мотор. Не е никакво изненадување ако се знае дека 8.3-литарскиот мотор самостојно испорачува до 1000 коњски сили, со максимални вртежи до 9000 врт./мин.
Во денешниот свет на автомобилска ексклузивност, ваквите големи мотори стануваат сè поретки. "V16" конфигурација не сме виделе од времето на "Cizeta Moroder" (додека "Chiron" користеше W16), а се намалува и бројот на "V12" опции. Дури и "Ferrari" ја намали понудата, "McLaren" веќе користи "V8", додека на "V12" сè уште остануваат "Pagani", кој го користи "Mercedes-AMG V12", и "Gordon Murray Automotive", кој се потпира на "Cosworth V12".
За потсетување, "Bugatti" планира производство на само 250 примероци од "Tourbillon", а првите испораки се очекуваат во 2026 година.