Главниот аналитичар и уредник на Би-би-си за Русија напиша анализа откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека разговарал со Владимир Путин и Володимир Зеленски и дека почнуваат преговорите за ставање крај на војната во Украина.
Во продолжение ви ја пренесуваме неговата анализа во целост:
Еден телефонски повик нема да ја запре војната во Украина преку ноќ. Преговорите би можеле да започнат, но кога и како ќе завршат останува неизвесно. Меѓутоа, претседателот Владимир Путин веќе постигна сигурна дипломатска победа со едноставно водење на овој разговор.
Пред три години тој беше политички отпадник. Одлуката да започне инвазија на Украина го претвори во непожелен актер на светската сцена. Генералното собрание на Обединетите нации со големо мнозинство усвои резолуција со која се осудува Русија за нејзината „незаконска употреба на сила против Украина“. Русија стана цел на илјадници меѓународни санкции, а една година подоцна Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател.
Што се однесува до тогашниот американски претседател Џо Бајден, тој не ги криеше своите размислувања за Путин – нарекувајќи го „убиствен диктатор“ и „чист силеџија“. По почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, сите контакти меѓу Путин и Бајден беа прекинати.
Сега да продолжиме кон 2025 година.
Целосна промена на пристапот
Новиот претседател донесе промена на тонот, поинаков начин на комуникација – и сосема нов американски пристап кон Русија. Доналд Трамп сега вели дека сака „тесно да соработува“ со Путин за да се стави крај на војната во Украина. Тој, исто така, изрази желба тие двајца „да се посетат во нивните земји“.
Се чини дека Путин е на иста бранова должина, бидејќи го покани Трамп во Москва. Доколку се случи оваа посета, таа ќе претставува голема пресвртница во односите меѓу САД и Русија. Ниту еден американски претседател не ја посетил Русија повеќе од една деценија.
Путин, на многу начини, веќе го постигна она што го сакаше – можност директно да преговара со САД за Украина, можеби дури и заобиколувајќи ги Киев и Европа, и можност повторно да се наметне како клучен играч на светската политичка сцена. Но, останува прашањето колку Путин всушност е подготвен на компромиси.
Русија е подготвена за преговори. Но, под свои услови
Руските власти тврдат дека Москва е подготвена за преговори, но секогаш се повикуваат на таканаречениот мировен план на Путин од јуни 2024 година, кој повеќе личи на ултиматум.
Според тој предлог, Русија би ги задржала сите украински територии што веќе ги има освоено, плус дополнителни делови кои сè уште се под украинска контрола. Покрај тоа, на Украина ќе и биде забрането членството во НАТО, а западните санкции против Русија ќе бидат укинати.
Како што неодамна напиша еден руски весник: „Русија е подготвена за преговори. Но под свои услови“. Ако ги извадиме дипломатските фрази, тоа едноставно се нарекува ултиматум.