Како загадувањето на воздухот влијае на нашите когнитивни способности?

Точка

12/02/2025

15:57

2.757

Големина на фонт

а а а

Краткотрајното изложување на загаден воздух може да ја намали способноста на луѓето да се фокусираат на секојдневните задачи, покажува нова студија.

Истражувачите анализирале податоци од когнитивни тестови направени од 26 учесници пред и по нивното изложување на високи нивоа на пи-ем честички од чад од свеќа или на чист воздух, во текот на еден час, пишува „Гардијан“.


Според студијата, објавена во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, дури и краткотрајното изложување на високи концентрации на пи-ем честички негативно влијаело на селективното внимание и препознавањето емоции кај учесниците – без разлика дали дишеле нормално или само преку уста. Ова може да ја намали способноста на поединецот да се концентрира, да избегнува одвлекување на вниманието и да се однесува социјално прифатливо.

„Учесниците изложени на загадување на воздухот беа помалку способни да го игнорираат одвлекувачкото влијание на несуштинските информации. Во секојдневниот живот, тоа може да значи дека полесно ќе бидете разсеани. Купувањето во супермаркет е добар пример… можеби ќе бидете повеќе склони кон импулсивни купувања додека шетате низ продавницата, бидејќи не можете целосно да се фокусирате на вашите планови за купување“, изјави д-р Томас Фахерти од Универзитетот во Бирмингем, соавтор на студијата.


Студијата исто така открила дека изложеноста на PM загадување го намалува успехот на когнитивните тестови за препознавање емоции.

„Учесниците потешко разликуваа дали некое лице е исплашено или среќно, што може да има импликации врз начинот на кој комуницираме со другите. Постојат асоцијативни студии кои ги поврзуваат краткотрајните зголемувања на загаденоста со пораст на насилниот криминал, особено во американските градови. Можно е причината за тоа да е некој вид емоционална дисрегулација“, вели Фахерти.


Истражувањето покажа дека работната меморија на учесниците не била погодена, што сугерира дека одредени мозочни функции се поотпорни на краткотрајно изложување на загаден воздух отколку други.