[ФОТО] Мачка предизвикала хаос: Авионот на" Ryanair" два дена приземјен во Рим поради необичен "слеп патник"

Точка

11/02/2025

15:01

871

Големина на фонт

а а а

Авионот на "Ryanair B-737" бил приземјен два дена на аеродромот Чампино во Рим, откако екипажот открил слеп патник– мачка – скриена во внатрешноста на авионот. „Слепиот патник“ бил откриен за време на подготовката на авионот за лет додека патниците се качувале во авионот. Во еден момент членовите на екипажот слушнале звук на мјаукање од предниот дел на авионот, по што почнале да го бараат изворот на звукот.

Мачката набрзо била лоцирана во одделот за електроника на авионот, но кога се обиделе да ја извлечат, таа се повлекла уште подлабоко во каблите и инсталациите на Боинг 737, што го оневозможувало полетувањето. Механичарите ги отстраниле предните панели на карго лежиштето, но мачката продолжила да бега низ внатрешноста на авионот. Официјалниот извештај за инцидентот го забележува следново:

„За време на проверката пред летот се слушна звук на мачка. Мачка е идентификувана во предниот оддел со електрична опрема. Додека се обидуваа да ја фатат, таа се префрли на задниот дел од главниот електричен оддел преку скалите“.

По неколкучасовни неуспешни обиди да ја фати мачката, персоналот на аеродромот решил да остави отворена една од вратите на авионот со надеж дека мачката сама ќе излезе надвор. Два дена подоцна, мачката конечно излегла надвор, а моментот на нејзиното спуштање по скалите на авионот беше снимен од камерите на персоналот на аеродромот.

Еден од изворите запознаени со инцидентот ја истакна потенцијалната опасност што таквата ситуација можела да ја предизвика:

„Мачката беше слеп патник, но можеше да предизвика сериозни проблеми на 30.000 стапки висина.

„Навистина е среќа што членовите на екипажот навреме го слушнаа мјаукањето. Овој инцидент го чинеше "Ryanair" десетици илјади фунти поради доцнење и дополнителни технички проверки.

По дводневно приземјување и темелна проверка на авионот, Боинг 737 конечно полета минатиот понеделник за Германија, со што заврши оваа необична драма на аеродромот во Рим.

Иако авиокомпаниите често имаат проблеми со слепите патници, случајот со мачка во кабината на Боинг 737 сигурно ќе остане запаметен како еден од најнеобичните инциденти во комерцијалната авијација во последно време.