Автомобилот што брутално го посрамоти „Cadillac“

Точка

07/02/2025

20:56

7.419

Големина на фонт

а а а

„Cadillac“ во поголемиот дел од 20. век беше симбол на американскиот луксуз, моќ и престиж. Но, на почетокот на 1980-тите, компанијата се најде под притисок на новите пазарни трендови. Европските производители како „BMW“ и „Mercedes“ почнаа да ги освојуваат американските купувачи со своите компактни, но софистицирани модели.

„General Motors“ (GM), матичната компанија на „Cadillac“, одлучи брзо да одговори – но наместо да развие целосно нов модел достоен за брендот, тргна по полесниот пат. Така, во 1981 година се роди „Cadillac Cimarron“, автомобил што ќе остане запаметен како една од најголемите грешки во историјата на компанијата.


Луксузен „Cadillac“ или обичен „Chevrolet Cavalier“?

„Cimarron“ беше базиран на J-платформата на „GM“, што значеше дека делеше речиси сè со поевтините модели како „Chevrolet Cavalier“, „Pontiac J2000“ и „Oldsmobile Firenza“. Во суштина, „Cadillac“ зема обичен „Chevrolet“, додаде малку повеќе опрема, неколку луксузни материјали и го залепи престижниот амблем на „Cadillac“ на предната маска.

Проблемот? Купувачите и автомобилските критичари не беа наивни. Иако „Cimarron“ имаше малку порафиниран ентериер со кожни седишта и дрвени детали, неговиот квалитет, перформансите и возната динамика не беа на нивото што се очекуваше од „Cadillac“.


Не можеше да се носи со „BMW“ и „Mercedes“

„Cimarron“ првично доаѓаше со слаб 1.8-литарски четирицилиндерски мотор кој произведуваше скромни 88 коњски сили. За споредба, во исто време „Mercedes-Benz“ и „BMW“ нудеа компактни лимузини со далеку помоќни и порафинирани мотори. Купувачите на „Cadillac“, кои беа навикнати на моќни V8 мотори, беа шокирани од ваквиот „оскуден“ погонски склоп.

Покрај тоа, цената не беше многу пониска од моделите на „Mercedes“ и „BMW“. Основната цена изнесуваше 12.181 долар.

Во подоцнежните верзии, „Cadillac“ додаде 2.0-литарски и 2.8-литарски V6 мотор за да ги подобри перформансите, но штетата веќе беше направена. „Cimarron“ и понатаму се соочуваше со недостаток на моќност (забрзувањето од 0 до 100 km/h беше болно бавно), лош квалитет на изработка (многу елементи во ентериерот беа преземени од евтините модели на „Chevrolet“) и слаба возна динамика (иако беше компактен, управливоста му беше далеку послаба од европската конкуренција).