Објавен е трејлерот за новиот хорор-филм базиран врз приказната на Стивен Кинг. Филмот се вика „The Monkey“, а во кината треба да се појави на крајот на февруари. Сепак, продукциската куќа „Неон“ откри дека четири телевизиски куќи одбиле да го прикажат трејлерот, и тоа поради премногу насилство.
„Го испративме трејлерот за „The Monkey“ на четири ТВ куќи. Не помина добро“, напиша Неон на X. Тие објавија и скриншот од мејловите кои ги добиле, со објаснувања зошто трејлерот бил одбиен.
Одговори од ТВ куќите
Во првиот одговор се наведува дека трејлерот „нема да биде дозволен на ниту една програма поради прекумерно насилство“. Слично мислење има и друга ТВ куќа која сугерира да се направи нов трејлер без толку крв и насилство. Од третата ТВ куќа, пак, рекоа дека трејлерот не е соодветен и со сите ограничувања, а четвртата исто така го наведе прекумерното насилство како причина за забраната. Оваа објава предизвика лавина реакции кај гледачите, кои сметаат дека тоа е добра за промоција на филмот.
We submitted a TV spot for THE MONKEY to the four major TV networks. It did not go well. pic.twitter.com/zN3EWLp34k
— NEON (@neonrated) January 29, 2025
„Дајте му бонус на вашиот маркетинг експерт за сè што постигнал“, „Филмот сепак ќе биде огромен хит“, „Ова е лудо добар маркетинг“, „Ова е најдобрата промоција на филм која можете да ја посакате“, напишаа тие во коментарите.
Филмот е базиран врз кратка приказна од 1980 година
Филмот „The Monkey“ е заснован на истоимената кратка приказна на Стивен Кинг од 1980 година. Дејството ги следи браќата близнаци Хал и Бил, кои на таванот наоѓаат стара кукла мајмун која му припаѓала на нивниот татко. Наскоро околу нив почнуваат да се случуваат морничави смртни случаи, поради што близнаците ја фрлаат куклата во ѓубре. Набргу потоа, сепак, се случуваат повеќе смртни случаи, а Хал и Бил одлучуваат засекогаш да ја уништат проколнатата кукла.
Режисерот на овој филм е Осгуд Перкинс, кој е одговорен за минатогодишниот хорор-филм „Longlegs“, кој се здоби со многу пофалби. Главните улоги во „The Monkey“ ги толкуваат Тео Џејмс, Татјана Маслани, Елајџа Вуд, Колин О’Брајан, Рохан Кембел, Сара Леви, Адам Скот и Оз Перкинс. Филмот веќе има 91% позитивни критики на „Rotten Tomatoes“.