Атлетико Мадрид го торпедираше Хетафе во малото градско дерби и уверливо се пласираше во полуфиналето на Копа дел Реј, натпревар по кој Диего Симеоне треба да ги подготвува своите играчи со уште поголемо дерби, она вистинското мадрилењо против Реал.
„Душекџиите“ си ја завршија работата и полека можат да се насочат кон она што го носи викендот, а бидејќи ќе станува директна пресметка за првото место на табелата, дербито дополнително ќе добие на значење, но и на тензија.
По победата изразена со резултат 5:0 во дуелот со Хетафе, Диего Симеоне доби прашање во какво расположение ќе пристигне Атлетико на гостувањето на „Бернабеу“, по што Аргентинецот во свој стил реши да одговори со сарказам.
– Едно е јасно, по крајот на мадридското дерби кое следи, весниците и медиумите ќе бидат исполнети со многу вести. Секогаш е убава енергијата која ја носи ова дерби, навистина е интересно кога два тима од ист град се натпреваруваат како што се натпреваруваме ние.
– Како ќе пристигнеме? Како и секогаш, ќе пристигнеме на „Бернабеу“ со автобус……, – изјави Чоло на пресот.