Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе поддржи минимална плата 500 евра доколку има таков договор меѓу работодавците и синдикатите. Вели дека зголемувањето ќе влијае на малкумина вработени што земаат плата од државата.
„За минималната плата ќе разговараат работодавците и работниците. Ние ќе го следиме процесот и она што ќе го договорат меѓусебе, ние тоа ќе го прифатиме. Зошто? Затоа што во изминатиот период врз база на направените анализи констатиравме дека минималната плата како компонента што влијае на платите во државните органи опфаќа многу мал број државни службеници, приближно 14.000 мислам дека беа. Сите други не се поврзани, така им се дефинирани според систематизациите, не се поврзани со минималната плата, така што како држава ние немаме ништо против, што ќе се договорат меѓусебе двете страни, ние тоа ќе го поддржиме“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Барањето на некои комори државата да плаќа дел од придонесите за да може минималната плата да се заокружи на 500 евра, Димитриеска-Кочоска децидно вели дека тоа е обврска што ќе мора да си ја плаќаат кон државата оти не е предмет на договор. Освен тоа, според министерката, во земјата се плаќаат придонеси што се многу пониски од оние во соседството, па затоа смета дека нема потреба од измени во тој дел.
Сојузот на стопанските комори уште на првомајскиот протест лани пред изборите побара од новата Влада во првите 100 дена минималната плата да ја крене на 450 евра, но за ова барање сѐ уште се водат преговори.