Поскапува цената на парното

Макфакс

31/01/2025

13:19

256

Големина на фонт

а а а

Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Според него, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО кое наместо 60 отсто учествувало со 51,9 отсто во производството на топлинска енергија.

„Врз основа на трите барања од страна на трите компании на ЕСМ кои се занимаваат со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија одржана е седница и донесена е одлука со која цената за потрошувачите на топлинска енергија во Скопје ќе се зголеми за 5,03 проценти.

Основна причина е поради тоа што предвидената цена за природен гас за месец јули од 37 евра за мегават час а сега признаваме дека имало зголемен трошок и признаваме зголемена цена за 16 проценти а тоа е 43 евра за мегават час. Втора причина која влијаеше за одлуката е тоа што во јули сме предвиделе дека учеството на Те-То во обезбедувањето на вкупните потреби за топлинска енергија ќе иснесува 60 проценти а од топланите во Скопје ќе обезбедиме 40 проценти“, изјави Бислимоски.

Зголемувањето на сметките ќе биде 100 денари за просечно семејство.

Цената ќе се применува од први февруари.

Се очекува наскоро и топлификација Скопје Север да поднесе барање за зголемување на цената на парното во тој дел од градот, најави Бислимоски.