Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа по американско време најави дека наскоро ќе одлучи дали ќе го исклучи увозот на нафта од Канада и Мексико од царините од 25 отсто што се закани дека ќе ги воведе во сабота на производите од тие земји.
„Можеби ќе направиме, можеби нема. Таа одлука ќе ја донесеме веројатно вечерва“, рече Трамп за тоа дали да воведе царини за канадската и мексиканската нафта. Тој додаде дека тоа делумно ќе зависи од цените, како и од тоа дали двете земји „соодветно се однесуваат кон САД“.
Трамп постави краен рок во сабота да воведе царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада за да ги принуди двата најголеми американски трговски партнери да преземат акција за да се спречи илегалната миграција и испораката на фентанил преку нивните граници во САД.
Тој сега рече дека царините за Северна Америка ќе бидат наметнати „од голем број причини“ и додаде дека нивото на царини „може или не може да се зголеми со текот на времето“. Тој, исто така, рече дека се уште размислува за нови царини за кинески стоки, наведувајќи ја нивната улога во трговијата со фентанил.
Тој се закани со царини од 10 отсто за сите кинески стоки, откако во неговиот прв мандат воведе царини за кинески увоз во вредност од околу 370 милијарди долари, потсетува Ројтерс. „Размислувам и за Кина бидејќи тие испраќаат фентанил во нашата земја и предизвикуваат стотици илјади смртни случаи поради тоа… Ние ќе одлучиме што ќе се случи, но Кина мора да престане да испраќа фентанил во нашата земја и да го убива нашиот народ“, рече Трамп.
Кинескиот претседател Си Џинпинг во 2023 година вети дека ќе соработува со тогашниот претседател Џо Бајден за да се спречат пратките со фентанил во САД. Но, Пекинг тогаш го повика Вашингтон да преземе чекори за да ја ограничи побарувачката за дрога.
Министерството за економија на Мексико одби да ги коментира последните изјави на Трамп. Кабинетот на канадскиот премиер Џастин Трудо не беше веднаш достапен за коментар, пренесува Ројтерс.