[ВИДЕО] Во Јапонија со денови извлекуваат камионџија од огромна дупка, а денеска се отвори уште една

Макфакс

30/01/2025

20:57

710

Големина на фонт

а а а

Спасувачите во Јапонија се обидуваат да извлечат возач на камион од дупка што се појави завчера и оттогаш се прошири, јавува Би-Би-Си.

Во градот Јашио, во префектурата Саитама, недалеку од главниот град Токио, се појавила дупка и проголтала камион. Спасувачките напори биле отежнати поради урнатиот пат, а властите наредија евакуација на десетици домаќинства во областа.

Според локалните медиуми, 74-годишниот возач последен пат им одговорил на спасувачите завчера попладне. Иако службите за итни случаи успеале да го извадат товарниот дел од камионот од дупката со големина на базен, кабината на возачот се уште е затрупана во нечистотија и урнатини. Дупка со дијаметар од околу 10 метри и длабока 5 метри првпат се појави завчера наутро на раскрсница на пат. Најверојатно е предизвикана од пукање на подземна канализациона цевка.

Властите соопштија дека отпадните води од оштетената цевка се излеале од дупката, поради што денеска се појавила втора дупка. Снимките покажаа како за време на уривањето се урнал електричен столб и знак од ресторан, по што следело дополнително уривање на патот што ги поврзува двете длабнатини во огромен кратер широк 20 метри, што дополнително ја отежна спасувачката операција.

Во дупката има и гасовод, што ги зголеми стравувањата за можно истекување на гас. Властите наредија евакуација на 200 домаќинства во околината. Тие ги повикаа и жителите на градот и околните места да ја намалат потрошувачката на вода.

Дупките се сè почеста појава во јапонските градови бидејќи многу од нив имаат застарена канализациона инфраструктура. Огромна дупка проголта улица со пет ленти во градот Фукуока во 2016 година, предизвикувајќи пречки во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија и вода. За среќа нема сериозни повреди.

Минатиот август, потрагата по жена која исчезна во провалија на тротоар во центарот на Куала Лумпур беше прекината по една недела. Во тоа време, властите сметаа дека е премногу ризично да продолжат да испраќаат нуркачи во подземната канализациона мрежа, која беше преполна со силни струи и остатоци.