Првично, оваа опција ќе биде достапна само во САД, а во иднина би требало да се прошири и на други пазари.
"Apple" ја претстави опцијата за поврзување на "iPhone" со помош на сателити кон крајот на 2022 година, но само на одредени пазари и во одредени итни ситуации кога нема мобилен сигнал. Тие потоа го избраа "Globalstar" за свој партнер за сателитски комуникации, но според "Bloomberg", "Apple" има други планови на овој пазар.
Компанијата веќе некое време тајно соработува со "SpaceX" и "T-Mobile" во САД за да овозможи сателитско поврзување со "Starlink" на нивните телефони. "T-Mobile" и "SpaceX" пред повеќе од две години се договорија за партнерство според кое некои модели на телефони на "Samsung" на нивната мрежа можеа да пристапат до сателитите "Starlink", а во декември минатата година отворија регистрација за секој што сакаше да учествува во програмата за тестирање.
Но, покрај телефоните на "Samsung", "Bloomberg" вели дека "T-Mobile" неодамна им овозможил на мал број "iPhone" телефони да тестираат рана верзија на услугата на "Starlink". Мобилниот оператор ги информираше корисниците дека учествуваат во бета програмата "T-Mobile Starlink" и можат да се поврзат преку сателит каде и да се. Во моментов, оваа сателитска комуникација не дозволува повици или интернет конекција, туку само испраќање текстуални пораки. Од "T-Mobile" велат дека тоа ќе се промени со текот на времето и во иднина планираат да им овозможат на корисниците да разговараат и да сурфаат на интернет преку сателитите на Маск.
Прво треба да го надградите "iOS"
Оваа опција за користење на сателитите "Starlink" беше овозможена по надградбата на оперативниот систем за мобилните уреди на "Apple" на "iOS 18.3", но интересно е што компанијата не спомена никаква можност за поврзување со "Starlink".
Иако корисниците на "iPhone" сè уште ќе имаат пристап до сателитите на "Globalstar", постојат одредени разлики помеѓу услугите на таа компанија и "Starlink". Имено, моментално корисниците на "iPhone" мора да го извадат телефонот од џеб и да го насочат кон небото за да се обидат да најдат сателити и да се поврзат. Со "Starlink" тоа не е неопходно и "iPhone" може да се поврзе со сателити дури и додека телефонот е во вашиот џеб, па јасно е која опција ќе биде попопуларна кај корисниците.
"Т-Mobile" вели дека ќе ја направи врската со "Starlink" достапна за сите во САД некаде во 2025 година. Така, додека користењето на "Starlink" на "iPhone" првично ќе биде достапно само во САД, компанијата има намера да го прошири партнерството со оператори во други земји со текот на времето.