Кинескиот гигант за е-трговија "Alibaba" во средата го претстави новиот модел на вештачка интелигенција и тврди дека го надминува конкурентот "DeepSeek".
Најавата доаѓа во клучен момент, само два дена откако кинескиот стартап за вештачка интелигенција "DeepSeek" ги потресе пазарите и предизвика распродажба на технолошките акции во САД и Европа, откако компанијата тврдеше дека нејзиниот модел е поевтин и поефикасен од водечките американски решенија.
"Alibaba" сега тврди дека нејзиниот нов модел со вештачка интелигенција, "Qwen 2.5-Max", кој е со отворен код, е уште помоќен од "DeepSeek", со што го зголемува притисокот врз домашните и странските ривали.
Компанијата наведува дека "Qwen 2.5-Max" ги надминува и "GPT-4" на "OpenAI", како и "Llama-3.1-405B" развиен од "Meta".
Цената на акцијата на "Alibaba" се зголеми за 1,2 отсто во моментот на пишување, додека скокна за 25 отсто во изминатите шест месеци. Инвеститорите внимателно ќе следат како се развива трката за доминација во областа на вештачката интелигенција, бидејќи битката меѓу технолошките титани станува се пожестока.
Трамп ги предупредува американските технолошки компании
Како што објави" Euronews Business" во вторникот по најавата на "DeepSeek", американскиот претседател Доналд Трамп рече дека развојот е „повик за будење“ за американските технолошки компании и дека САД мора да бидат „ласерски фокусирани“ на конкуренцијата со вештачка интелигенција. Во исто време, тој изрази уверување дека американските гиганти ќе ја задржат својата доминација во индустријата.
Враќањето на Трамп во Белата куќа повторно ја разгоре загриженоста за можна втора трговска војна меѓу САД и Кина.
„Засега, може безбедно да се каже дека денешниот ден поттикна преиспитување на „трговијата со вештачка интелигенција“ и ризиците од трговски конфликт меѓу САД и Кина“, напиша Кајл Род, висок пазарен аналитичар во "Compital.com", во белешка до клиентите.
Досега Трамп не воведе царина од 60 отсто за кинескиот увоз, што го вети за време на кампањата. Наместо тоа, неговата администрација започна проценка на ситуацијата, а резултатите се очекуваат до 1 април.