Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска, според објавените изјави, кажа дека не гледа објективни знаци дека Украина или Западот се подготвени за мировни преговори и покрај се погласните изјави за потребата од такви преговори, пренесува Ројтерс.
„И покрај се погласните разговори за потребата од мировни преговори, објективно нема практични дејства што би укажале дека Киев и Западот се навистина подготвени за нив“, рече Лавров, според транскриптот од прашањата и одговорите што ги доби од новинарите, објавен на официјалната веб-страница на неговото министерство.
„Напротив, продолжуваат западните воени испораки на украинските вооружени сили, ѝ се поставуваат ултиматуми на Русија, постои (украинска) законска забрана за преговори, а не се решава прашањето за легитимноста на украинските власти“, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин во декември изјави дека Русија нема услови за почеток на преговори со Украина и е подготвена да преговара со секого, вклучително и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Но, тој рече дека Зеленски, чиј мандат требаше да истече минатата година, но беше продолжен поради воената состојба, ќе мора да биде реизбран за Москва да го смета за легитимен потписник на кој било договор, со што ќе се обезбеди неговата правна важност.
Киев тврди дека не станува збор за легитимноста на Зеленски и дека руските изјави на оваа тема се дизајнирани да го поткопаат неговиот авторитет.