Јувентус вчера успеа да го регистрира и промовира Рендал Коло Муани како засилување од ПСЖ, но целата процедура траеше многу повеќе од вообичаеното поради наводната грешка на администрацијата на францускиот клуб.
„Бјанконерите“ договорија заем за францускиот репрезентативец со ПСЖ, но Коло Муани немаше право за настап на дуелите со Милан и Бриж затоа што парижаните отпосле сфатиле дека им биле пополнети дозволените шест места за позајмени играчи, па мораа да го раскинат договорот со Бернат за Коло Муани да добие зелено светло за престојот во Торино.
Весникот „Ла Република“ тврди дека ништо од ова не е случајно, односно Наполи вмешал прсти во целата процедура и ги искористил одличните односи со ПСЖ за да го одолжи регистрирањето на напаѓачот.
Целта на Наполи била да го оневозможи Коло Муани да биде во комбинација за меѓусебниот дуел кој е закажан за утре, а челниците на клубот индиректно побарале ваква услуга користејќи ги добрите односи со ПСЖ по лесно изведениот трансфер на Квича Кварацхелија.
Вториот повод за ваков „трик“ бил и потегот на Јувентус со разделбата со Данило, кој наводно добил ултиматум да не потпишува за Наполи ако сака да добие раскин на договорот во јануари. Бразилецот на крај очигледно се одлучи да потпише за Фламенго.
Откако Јувентус добил ваква информација, реагирал и тренерот Тиаго Мота, кој е поранешен играч и тренер во младинската академија на ПСЖ и обезбедил забрзување на процесот, со што Коло Муани сепак ќе биде во протоколот за дербито со Наполи.