Научниците за првпат успеаја да го следат движењето на микропластиката во живо низ телата на глувците. Овие ситни честички кои се проголтани од клетките на имунолошкиот систем патуваат понатаму низ крвотокот и на крајот се заглавуваат во крвните садови во мозокот. Не е јасно дали слична опструкција се јавува кај луѓето, велат истражувачите, но микропластиката влијаела и на движењата на глувците.
Микропластиката се ситни честички од пластика, со големина помала од 5 милиметри, кои се наоѓаат насекаде, од најдлабоките делови на океанот до мразот на Антарктикот. Тие се во воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме и храната што ја јадеме. Тие дури можат директно да влезат во нашиот крвоток, пишува „Нејчр“ (Nature).
Претходните студии веќе покажаа дека микропластиката и помалите нанопластики навлегуваат во човечкиот мозок, црн дроб, бубрези… но научниците само што почнуваат да разбираат што се случува со нив понатаму и какво влијание имаат врз човековото здравје. Една студија минатата година, на пример, заклучи дека луѓето со микропластика и нанопластика во нивното масно ткиво имаат поголем ризик од мозочен и срцев удар.
Во најновата студија, објавена во „Саенс адвансес“ (Science Advances), Хаипенг Хуанг, биомедицински истражувач на Универзитетот во Пекинг, и неговите колеги се обидоа подобро да разберат како микропластиката влијае на мозокот. Тие користеа техника на флуоресцентно скенирање наречена минијатурна двофотонска микроскопија за подобро да видат што се случува во мозокот на глувчето.
„Техниката овозможува следење на микропластиката додека се движи низ крвотокот. Тоа е многу интересно и многу ни помага“, рекла Елиен Ел Хајек, истражувач на Универзитетот во Ново Мексико во Албакерки.
„Научниците на глувците им дадоа вода со флуоресцентни полистиренски сфери, производ кој широко се користи во производството. Околу три часа подоцна, се појавија флуоресцентни клетки. Истражувањето покажало дека имуните клетки ја проголтале пластиката и таа останала заробена во малите крвни садови во церебралниот кортекс. Понекогаш овие клетки би се акумулирале со микропластика, што ќе изгледа како „сообраќајна несреќа“ во крвните садови“, додал Хаипенг Хуанг.
Некои блокади се расчистија со текот на времето, додека други постоеја околу 4 недели, колку долго беа следени. Овие блокади се однесуваат слично како згрутчувањето на крвта, додаваат научниците. Тие, исто така, откриле дека микропластиката го намалува протокот на крв низ мозокот, а нивната подвижност исто така е намалена.
Хуанг забележал слични опструкции во срцата и црниот дроб на глувците, но резултатите од тие студии сè уште не се објавени.