Реткото цветање на растението кое испушта смрдеа на гнило месо привлече илјадници посетители во стакленатa градина во Сиднеј, Австралија каде чекаа во редици три часа за да го видат моментот кога ќе процвета, објави „АП“.
Растението познато како „цвет труп“, чие научно име е „аморфофалус титанум“ (Аmorphophallus titanum), потекнува од тропските шуми на Суматра. Во Сиднеј му го дале името „путриција“ (putricia), кое е составено од зборот „putrid“ што значи „гнил“.
Путриција се наоѓа во Кралската ботаничка градина во Сиднеј во последните неколку недели и ова е првпат во последните 15 години растение од овој тип да процвета во таа градина.
„Труп цветот“ цвета многу ретко, само еднаш на секои седум до 10 години во природа. Се верува дека во светот има помалку од 1.000 растенија од овој тип.
Путриција пристигнала во ботаничката градина пред седум години, а нејзиниот цвет почнал да се развива во декември, кога бил долг само 25 сантиметри. До четврток растението достигнало 1,6 метри височина, а нејзината цветна глава почнала да се отвора, откривајќи темноцрвено јадро.
Вработените во ботаничката градина поставија заштитни бариери додека посетителите одеа по црвениот тепих до местото за гледање на растението. Кога цветот конечно ќе процвета, температурата на растението ќе се искачи на 37 степени Целзиусови за поефикасно да го шири својот непријатен мирис, привлекувајќи муви и скакулци кои ќе влезат во неговиот цвет и ќе снесат јајца, истакнува „АП“.
Откако цветот ќе процвета, тимот на ботаничката градина ќе започне со рачно опрашување за да се обезбеди овековечување на тој вид цвет.