Јувентус одигра разочарувачки натпревар против Клуб Бриж во Белгија и истиот заврши со најнепопуларниот резултат, а недостатокот на голови од играчите кои играат во офанзивниот дел го натера Тиаго Мота јавно да опомене повеќе фудбалери.
Тренерот на Јуве побара поголем ангажман и подобра концентрација од неговите напаѓачи, за кои смета дека е крајно време да истапат и да направат разлика во противничкиот шеснаесетник со реализирање на шансите.
Тимот од Торино не создаде премногу добри прилики на вчерашното гостување, но сепак една шанса беше стопроцентна, а истата во гол не ја претвори Нико Гонзалес кој повторно доби улога на „лажна деветка“ на местото на Душан Влаховиќ.
– Сите тимови имаа проблеми на гостувањето кај Клуб Бриж, тие се бранат многу добро и чекаат само грешка на противникот. Не им дозволивме да направат шанси, но и ние не креиравме доволно за да победиме. Очекував повеќе од тимот, со сета почит кон ривалот, но очекував да направиме исчекор на табелата.
– Имаме проблеми, но полека ни се враќаат играчи од повреди, особено во нападот. Почнавме со Ембангула, Нико и Веа, потоа влегоа Јилдиз, Влаховиќ и Консеисао. На оваа листа ќе го придодадеме и Коло Муани кој ни се приклучи, па очекувам сите овие кои ги набројав да направат нешто повеќе. Нашите напаѓачи мора да придонесат многу повеќе за тимот од тоа што го прават досега, – заклучи Мота.