Нејмар во своето последно интервју за бразилски медиум се обиде да долови како Килијан Мбапе го променил односот кон него во завршната фаза од етапата во ПСЖ, или поточно од денот кога Лионел Меси се приклучи во ѕвездениот тим на „светците“.
Поради извонредната врска која ја негуваа од Барселона, Меси брзо најде свој сојузник во Париз во името на Нејмар, но според верзијата на Бразилецот, Мбапе набрзо после тоа станал љубоморен на нивната кохезија и почнал да се дистанцира од двајцата.
– Мбапе стана љубоморен кога Меси ни се приклучи во Париз. Јас имам своја историја со Мбапе, имавме караници после тоа. Јас го нарекував „Златно момче“, зборував многу со него и секогаш велев дека ќе биде еден од најдобрите. Секогаш се обидував да го поддржам и имам пријателски разговори со него. Сепак, кога Меси дојде во Париз, тој стана љубоморен, не сакаше да имам таков добар однос со никој друг. Тука почна да се нарушува нашиот однос, – откри Нејмар, а сега пристигна одговор и од Французинот.
Во најавата за денешниот натпревар со Салцбург во Лигата на шампиони, Мбапе издвои време да му возврати на поранешниот соиграч, но тоа го направи максимално учтиво и џентлменски.
– Зборовите на Нејмар? Немам што многу да додадам, концентриран сум само на тоа што го правам тука во Реал Мадрид. Чувствувам огромен респект кон Нејмар, сакам да се сеќавам само на добрите работи со него, тој е уникатен играч кој направи историја во нашиот спорт. Посакувам само едно, а тоа е многу среќа за него и за неговите најблиски, – изјави Мбапе.