Во јануари 2007 година, мобилната индустрија доживеа значителна промена кога "Apple" го претстави својот прв "iPhone". Тогашниот лидер на пазарот, "Nokia", се соочи со внатрешни несогласувања. Неодамна објавените интерни документи од "Nokia", создадени само еден ден по претставувањето на "iPhone", откриваат дека некои вработени ја препознале заканата што ја претставува уредот, но раководството ги игнорирало нивните предупредувања.
Документот, насловен како „Apple iPhone was launched (yes, it is 'iPhone')“ ја опишува загриженоста на "Nokia". Иако насловот беше донекаде исмејувачки, содржината на документот одразува сериозен страв од новата технологија.
Тим од девет аналитичари направил длабинска анализа и заклучил дека "iPhone" претставува сериозна закана. Иновативниот екран на допир беше препознаен како потенцијален „нов стандард“, загрозувајќи ја доминацијата на "Nokia" на мобилниот пазар. Како што пренесува "Gizchina", анализата исто така посочува дека традиционалните дизајни на телефони на "Nokia", базирани на физички тастатури, стануваат застарени.
Тие се фокусираа на „недостатоците“ на "iPhone"
И покрај тоа што ја препознаа заканата, раководството на "Nokia" не презеде никакви конкретни чекори. Тие се фокусираа на „недостатоците“ на "iPhone", како што се неговата висока цена и недостатокот на физичка тастатура, притоа игнорирајќи го неговиот дизајн и леснотијата на користење. Експертите ја советуваа "Nokia" да дејствува брзо и да ангажира експерт за кориснички интерфејс за да ги подобри сопствените уреди. "Nokia" сепак не реагираше на време.
Иако "Nokia" имаше 50% од пазарот на мобилни телефони во тоа време, "iPhone" покажа колку брзо се менува пазарот, а "Nokia" не успеа да ги адаптира своите производи.
До 2013 година, "Nokia" го продаде својот оддел за мобилни телефони на "Microsoft", што беше показател за нејзиниот пад во технолошката трка. Кој знае, доколку ги послушаа предупредувањата и брзо реагираа, можеби "Nokia" и денес ќе беше лидер на пазарот на паметни телефони.